Крајбрежјето на загаденото велешко езеро „Младост“ од вчера ја смени бојата, почна да белее и мириса на амонијак. Белата пивтиеста маса за која „Фокус“ пишуваше во неделникот се шири должи езерското крајбрежје од почетокот на страната на патот кој води кон хотелите и викенд населбата.
Двајцата членови на Совет на Општина Велес, Димитар Абрашев и Игор Смилев, откако добиле информации од граѓани излегле на лице место и тоа што го виделе го пријавиле на Државната инспекторка за заштита на животна средина, Билјана Шуркова Манаскова. Инспекторката за Дума.мк соопшти дека за најкраток временски период излегува во инспекција и надзор.
Според Абрашев и Смилев, веќе во понеделник, ќе иницираат постапка во Општина Велес за ново испитување на земените мостри од водата и во охридскиот Хидробиолошки Завод, како што рекоа, затоа што веруваат на неговите резултати.
„Еколошки холокауст и претсмртна агонија му се случува на велешкото езеро Младост, кое забрзано умира пред очите на пошироката јавност.
Од денеска на неговите брегови се појави бела, непозната пифтиеста маса во форма на пена, која смрди на амонијак, а бојата на езерото е драстично променета, особено во делот на браната и хотелите.
Веднаш го информиравме Државниот еколошки инспектор кој веднаш излезе на лице место да ја констатира состојбата. Засега молк од сите останати.
Без реакција од Градоначалникот Колев, Министерот за Животна средина Меџити и од Премиерот Мицкоски.
Езерото Младост останува на милост и немилост на безочната урбанизација која забрзано се шири, а во текот на вчерашниот ден владеачкото мнозинство на ДПМНЕ и ДУИ во велешкиот совет изгласаа продажба на нови две државни парцели во непосредна близина на езерото!“, истакна Смилев.
Водата од езеро Младост, крај Велес е времено забранета бидејќи во неа се пронајдени цијанобактерии, а Општина Велес после неколку месеци натегање со советниците конечно побара помош од државата за да се реши проблемот со загадувањето со фекалии.
По последниот извештај за квалитетот на водата за кој пишуваше и „Фокус“, а кој го изготви Хидробиолошки завод Охрид според кој водата во акумулацијата Младост крај Велес е ризична по здравјето на пливачите и по опстанокот на живиот свет, има лош квалитет и параметри кои се над дозволената граница, општината се обрати со писмо до Владата за кое не сакаше воопшто да ја извести јавноста.