Home » Украина и Молдавија почнуваат преговори со ЕУ

Украина и Молдавија почнуваат преговори со ЕУ

by Журнал.мк

Амбасадорите на европската унија официјално договорија почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија. Патот кон полноправно членство се отвора на 25-ти јуни со меѓувладини конференции. Унгарија попушти, иако смета дека Киев не е подготвен за членство во унијата. Денеска и утре во Швајцарија нов самит за Украина, на кој ќе учествува и македонската претседателка Силјановска – Давкова…

Дводневна мировна конференција за Украина во Бургеншток на езерото Луцерн, Швајцарија. Стотина лидери и меѓународни организации учествуваат на собирот. Главна тема е да се направи мировен план и да се притисне Москва да ја заврши војната. Сепак, Русија, како и Кина не учествуваат. Претседателот Путин вчера го опиша собирот како фарса и изложи услови за крај на војната, кои вклучуваат откажување на Украина од аспирациите за членство во НАТО и нејзино целосно повлекување од четирите региони кои Русија ги анектираше во 2022-ра.

„Украинските трупи мора целосно да се повлечат од Доњецката и Луганската народна република, регионите Керсон и Запорожје. Штом Киев ќе се изјасни дека се подготвени за таква одлука и ќе почнат со вистинско повлекување на војниците од овие региони, а исто така и официјално ќе известат за откажување од плановите за влез во НАТО, нашата страна веднаш, буквално, истата минута ќе спроведе прекин на огнот и ќе почне преговори“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Украинскиот претседател Зеленски, вели дека условите на Путин се ултимативни. Претходно од лидерите на Г-7 доби ветување дека ќе продолжат со воена, финансиска и хуманитарна. Седумте најразвиени се согласиле да ги задржат замрзнатите руски средства додека Москва не плати репарации за инвазијата со што ќе се обезбеди заем од 50 милијарди долари од САД и други партнери.

„Она што го бара Путин е да им дадеме дел од нашите територии, окупирани и неокупирани, зборувајќи за неколку региони на нашата земја. И тој нема да застане тука и нема да има никаков „замрзнат“ конфликт. Овие пораки се исти како оние на Хитлер, кој пред помалку од сто години рече, дајте ми дел од Чехословачка и ќе ставиме крај на се, но тоа се историски лаги. После тоа тргна по Полска и почна окупација на цела Европа“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Шефот на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана, изјави дека украинските сили со најмалку 70 беспилотни летала ја нападнале руската воздухопловна база во Ростовската област. Во меѓувреме, амбасадорите на Европската Унија официјално договорија почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија. Преговорите ќе почнат на меѓувладините конференции на 25 јуни. Унгарија извести дека се сомнева дека Украина е подготвена. Киев аплицираше за членство во ЕУ неколку недели откако Русија ја почна инвазијата во февруари 2022 година. Четири месеци подоцна и беше доделен кандидатски статус.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More