Украина бара покана за членство во НАТО пред претседателот Џо Бајден да ја напушти Белата куќа, изјави висока украинска дипломатка.
„Нашата идеја е дека поканата за Украина во овој момент е политички сигнал. Искрено веруваме дека ова може да биде дел од наследството на (актуелната) американската администрација“, изјави за Ројтерс Наталија Галибаренко, амбасадорка на Киев при НАТО, пренесува Хина.
Американските претседателски избори следниот месец создаваат голема неизвесност за Украина бидејќи Вашингтон е најголемиот снабдувач на воена помош за Киев во војната со Русија. Демократската кандидатка Камала Харис сигнализираше поддршка за Украина, но не ја прецизира нејзината рамка, додека Доналд Трамп не ја откри својата стратегија.
Членството во НАТО би ја вклучило Украина во договорот за заедничка одбрана на Алијансата, но процесот на пристапување може да трае со години.
НАТО најави дека Украина ќе се приклучи, но не даде временска рамка.