Home » Туркије до 2035 година четирипати ќе го зголеми капацитетот на обновлива енергија со инвестиции од 80 милијарди долари

Туркије до 2035 година четирипати ќе го зголеми капацитетот на обновлива енергија со инвестиции од 80 милијарди долари

by Журнал.мк

Туркије има цел да го зголеми инсталираниот капацитет на ветерна и сончева енергија до 120.000 мегавати (MW) до 2035 година, за што ќе бидат потребни речиси 80 милијарди долари инвестиции, истакна денес турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Алпарслан Бајрактар, јавува Анадолу.

До 2035 година Туркије четирипати ќе го зголеми сегашниот капацитет од 30.000 MW, рече Бајрактар ​​за време на настанот „Трансформација на енергијата – обновливи извори на енергија 2035“ во Истанбул, на кој се собраа клучни актери од енергетскиот сектор.

„Веруваме дека преку соработка со засегнатите страни, финансиските институции и инвеститорите, може да ја постигнеме нашата цел за инвестирање на 80 милијарди долари во обновливи извори на енергија“, нагласи Бајрактар.

Со цел да се додадат 90.000 MW кон постојниот капацитет, Бајрактар ​​истакна дека земјата секоја година треба да инсталира 7.500-8.000 MW капацитет на обновлива енергија.

„Подготвени сме да постигнеме 90.000 MW нов капацитет на обновливи извори, заедно со нова мрежа за пренос, надградена инфраструктура, нова инвестиција од околу 108 милијарди долари и нов реформски процес“, рече турскиот министер, елаборирајќи ја визијата на Туркије за енергетска трансформација и обновлива енергија во текот на следните 11 години.

„Секако, кога креаторите на политики, инвеститорите, финансиските институции, меѓународните организации, националните агенции и нашите набавувачи ја играат својата улога, убеден сум дека Туркије успешно ќе ги исполни овие цели“, додаде тој.

Бајрактар, исто така, истакна дека енергетската политика на Туркије е водена од три клучни цели: безбедност на снабдувањето, намалување на зависноста од енергија од странство и постигнување нето-нулта емисии до 2053 година.

Турскиот министер рече дека уделот на обновливите извори на енергија во вкупниот инсталиран капацитет на електрична енергија на Туркије достигнал 59 отсто заклучно со септември.

Истакнувајќи дека Туркије, исто така, има цел да ги скрати процесите за издавање дозволи за обновливите извори на енергија, за што во моментов се потребни околу 48 месеци, Бајрактар ​​рече: „Ќе ги намалиме овие 48 месеци на 2 години или помалку. На овој начин овие инвестиции ќе се реализираат многу брзо.“

Туркије е на пат да произведува 9,1 милиони кубни метри гас дневно во првиот квартал од 2025 година преку гасното поле Сакарија во Црното Море, задоволувајќи ги потребите на 4 милиони домаќинства, истакна турскиот министер.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk