Промовиран научен зборник на конференцијата „Културните и креативните индустрии: предизвик за туризмот, културата, културното наследство и економијата“.
Промоцијата на научниот зборник што е генератор на иновативни идеи, стратегии и соработки за искористување на потенцијалот на културните и креативните индустрии беше во фокусот на настанот „Културните и креативните индустрии: предизвик за туризмот, културата, културното наследство и економијата“, организиран од Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“, по повод септември, кој е синоним за одбележувањето на Европските денови на културното наследство, и 27 септември – Светскиот ден на туризмот.
Промотори на овој научен зборник, кој е резултат од меѓународната научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис-логистиката во 21 век“ и конференцискиот панел „Предизвиците во бизнисот, туризмот, културата и културното наследство“ од 17 мај годинава, беа деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков, Зоран Љутков, министер за култура и туризам, продеканката на ФТБЛ, проф. д-р Наташа Митева, проф. д-р Владимир Јаневски од Музичката академија и арт-менаџер на ансамблот „Македонија“, м-р Анче Илиевска, директорка на Музејот на македонската борба за самостојност, и м-р Александар Јорданоски, експерт за културно наследство. Во духот на настанот, тој беше збогатен со ансамблот „Македонија“.
Деканката, проф. д-р Татјана Бошков ја потенцира важноста на културните и креативните индустрии, кои се согледани како катализатор за брзи промени, иновативни бизниси, зголемување на продуктивноста преку интензивирање на иновативните активности и проекти, со крајна цел зајакнување на економијата.
– Македонија го има целосниот капацитет за раст и развој на културните и креативните индустрии и затоа е неопходно да се искористи нивниот економски, социјален и културен потенцијал, што како порака ја испраќаме на овој настан посветен токму на оваа проблематика. Порака што подразбира силни промени, креативни и иновативни активности, кои ќе придонесат за зголемување на продуктивноста.
Порака што укажува и повикува на потребната институционална поддршка, покрај соодветни стратегиски документи што подразбираат исклучителни напори и долгорочни предизвици. Во оваа насока важно е да се фокусираме на спроведување проекти што се директно поврзани со културниот туризам и културното наследство, кои покрај економската добивка, ги штитат локалниот и националниот идентитет и гордоста на еден народ. Не треба да се заборави на креативниот туризам за кој Македонија има огромен потенцијал, овозможувајќи оптимизација на постојните креативни ресурси и поврзување со културните и креативните индустрии, зајакнување на локалните заедници, културно збогатување меѓу локалното население и туристите. Од економски аспект, локалните знаења, вештини, одржувани и приспособени со текот на времето, се извор на приходи и пристојна работа преку занаетчиството, туризмот и културните продукции, истовремено промовирајќи социјална кохезија преку локалните социјални практики на дијалог – истакна деканката Бошков.
Во првиот дел од промоцијата, покрај деканката Бошков, свое видување и поддршка даде министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
– Во ерата на глобализација и дигиталната трансформација, каде што современиот свет го карактеризираат брзи промени, културните и креативните индустрии се во постојан развој носејќи нови можности, но и нови предизвици. Културните и креативните индустрии како составен дел на ЕУ освен што придонесуваат за подобрување на економската состојба, тие се промотори и носители на културниот идентитет и играат важна улога во поттикнувањето на културната разновидност. Препознавајќи го потенцијалот на културните и креативните индустрии, Владата и Министерството за култура и туризам во наредниот период ќе се фокусираат на изработка на нова национална стратегија за културни и креативни индустрии, ќе се изврши мапирање на ККИ, а ќе се возобнови и Советот за ККИ. Во иднина нашите заложби за развој на креативните индустрии во Македонија ќе бидат преку поддршка за создавање препознатливи македонски брендови, за обнова и развој на традиционалните занаети, за воведување специјализирани географски ознаки со кои ќе се препознаваат македонските производи, а ќе се поддржуваат и еколошки одржливи проекти од областа на културата со користење традиционални знаења и вештини поврзани со природата и заштитата на животната средина – наведе министерот Љутков.
Продеканката, проф. д-р Наташа Митева истакна дека за нашата земја, културните и креативни индустрии претставуваат значајна можност за диверзификација на економијата, зајакнување на туризмот и зачувување на нејзиното богато наследство.
– Со усвојување на најдобрите практики од Европа, како што се создавање кластери, користење дигитални технологии и промоцијата на одржлив туризам, нашата земја може да се позиционира како културен центар во регионот. Иднината лежи во поттикнување на соработката, иновациите и зачувувањето за да се осигури дека културните и креативни индустрии го поттикнуваат економскиот раст додека истовремено го одржуваат културниот интегритет – констатираше проф. д-р Митева.
Според проф. д-р Владимир Јаневски, културната индустрија согледана преку призмата на традиционалната уметност е база на културниот идентитет и на современите појави во општеството.
– Новите современи појави даваат простор традиционалната култура во голем домен да биде презентирана главно преку проектни содржини што ќе бидат дел од духовната или материјалната култура. Еден од таквите форми е и проектот „Скопје со културните добра“, кој е презентиран преку универзитетскиот ансамбл „Македонија“, а ги имплементира етничките групи што живееле во Скопската Котлина. Во проектот се прикажани културни добра како цркви, манастири, сакрални објекти, џамии, анови, мостови, акведукт и други придружни знаменитости – порача проф. д-р Јаневски.
Директорката Анче Илиевска ја нагласи улогата на музеите и современите потреби на посетителите во музејското презентирање.
– Еден од важните сегменти во однос на музејските потреби, со цел нивна промоција, а истовремено и поддршка кон развојот на туризмот, е можноста за самофинансирање преку постоењето на музејски сувенирници. Тие би можеле да ја покажат не само нашата историја и култура туку и нашата креативност, умешност и желба за творење и создавање – посочи Илиевска.
Според м-р Александар Јорданоски, креативните индустрии побаруваат краен иновативен производ.
– Министeрството за култура и туризам го има својот редовен механизам за економска стимулација на веќе заштитени добра преку Годишната програма за остварување национален интерес во културата, но тука треба да се вклучат и други надлежни органи на државата, како Министерството за економија или локалната самоуправа, во даночни олеснувања и класифицирање на заштитените занаетски дејности како загрозени и превидување олеснителни мерки за нивно опстојување и одржување – истакна Јорданоски. Н.М.