Цветан Трипуновски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, најави дека започнува со објавување на сите сомнителни случаи и афери од претходното раководството на министерството.
Тој напомена дека народот ќе слушне и види како работел екс министерот Љупчо Николовски.
Трипуновски напомена дека одредени правни лица надвор од сите прописи земале државни пари.
Од денес повеќе нема ништо да биде исто. Започнуваме со објавување на сите сомнителни случаи и афери од претходното раководство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Љупчо Николовски како тогашен министер.
Народот покрај тоа што виде како работеше Николовски, денеска ќе има и прилика да слушне што се случувало во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изминатите 7 години и како одредени правни лица надвор од сите процедури и прописи земале државни пари.
Првиот случај кој што сакам да го објавам е за правното лице АРЕКСПОРТ ДООЕЛ Увоз – Извоз од Струмица.
За нештата да бидат појасни во целост ќе ви ги објаснам постапките како преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се дозволило ова правно лице да земе противправно дури околу 30 милиони денари за субвенции.
Имено, Министерството за периодот од 2019-та година до 2022 година со фирмата од Струмица има склучено вкупно 19 договори за вкупна површина од 1.416 хектари.
По извршениот увид од страна на Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека за 11 договори со површина од 941 хектар не се почитуваат одредбите од Договорот од страна на закупецот и требало да бидат раскинати.
При тоа врз основа на овие договори закупецот од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој остварил приход по основ на субвенции од 485.000 евра.
Дополнително, закупецот требало преку бизнис план кој што го понудил до Министерството да инвестира над 2 милиони 450 илјади инвестиција на предметното земјиште, а во моментот на контрола од Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека има инвестиција околу 300.000 евра.
Исто така инспекторите констатирале дека закупецот нема платено закупнина за 2022 и 2023-та година, со што дополнително е направена штета на Буџетот во износ од 60.000 евра.
Постапено е спротивно на член 8 и 8-а од Законот за земјоделско земјиште и воопшто не е евидентирано земјоделското земјиште кое не е обработувано по основ на склучените Договори и не се преземени никакви мерки за опомена, укажување или раскинување на Договорите“, вели Трипуновски.