Home » Три месеци 12 институции не можат да се договорат за еден тендер

Три месеци 12 институции не можат да се договорат за еден тендер

by Журнал

Воспитувачки, цариници и административни службеници не можат ниту да се вработат ниту да напредуваат до завршување на изборите. Владата не предвидела јавна набавка за одржување на софтверот за испити за државни институции. Решение за тестирање на хартија се бара само за Академијата за судии и воспитувачките во градинки.

Најмалку илјадници барања за вработување во градинки, Царина, Комисија за хартии од вредност, Катастар и неколку министерства „се заглавени“ затоа што основен услов е полагање електронски испит за државен службеник кој не може да се спроведе.

Електронското полагање на приемен испит е блокирано веќе три месеци затоа што 12 институции кои се инволвирани во групната набавка не можат да се договорат и да спроведат јавна набавка за одржување на софтвер стар 10 години за полагање на испити на државните институции.

Вкупно 12 институции користат ист софтвер за тестирање, но веќе три месеци е истечен договорот на фирмата „Инфинити Енерџи Ит Солушнс едн Сервицес“ која го спроведуваше испитот.

Според податоците од Бирото за јавни набавки во овогодишните планови за тендери на Министерството за информатичко општество (МИОА), кој според последните информации требаше да го спроведе тендерот и Генералниот секретаријат на Владата кој го спроведе претходниот тендер не е предвидена ваква набавка. А според изборните правила, додека трае изборниот процес не е дозволено менување на годишните планови за јавни набавки.

Последната владина одлука е Генералниот секретаријат да собере согласности од 12-те институции за оваа набавка да ја спроведе МИОА, велат владини извори за РСЕ. Тие додаваат дека „никој не сака да се нафати со споведување на оваа набавка, без предвидени средства за неа и да се трошат човечки ресурси од Министерството за информатичко општество со цел да им заврши работа на другите институции“.

„Дополнително дел од инститициите не се согласуваат затоа што некои имаат по два теста годишно, а некои пак 12 теста годишно а треба да плаќаат слична или иста сума“, велат извори од Владата за РСЕ.

Никој не сака да се нафати да распише тендер

Според претходниот договор склучен со фирмата „Инфинити Енерџи Ит Солушнс едн Сервицес“, во вредност од 126 илјади евра, 12 институции од својот буџет одвоиле пари за користење на услугите за одржување на софтверот за полагање на испит за државни институции.

Дополнително, со распишувањето на изборите нема законска можност да се вработат луѓе во државниот сектор, ниту пак да напредуваат во кариерата се до завршување на изборниот процес.

Со овој проблем покрај цариници и административците се засегнати и 130 кандидати за слушање на обука за обвинители и судии во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев“ како и вработувањата на негувателки и воспитувачки во градинки кои треба да полагаат за лиценци.

Решение – тестирање на хартија?

За нив министерот за правда Кренар Лога и група пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесоа измени на закони со кои ќе биде дозволено полагање во хартиена форма додека да се разреши проблемот.

Измените на законот за Академијата за судии и јавни обвинители ги помина комисиските филтри со жестоки кавги меѓу власта и опозицијата.

За предлагачот на измените на законот министерот за правда Кренар Лога тоа е решение со кое ќе се надмине проблемот со софтверот за полагање на испити за државни институции. За опозицијата, тоа е само прозорец преку кој во Обвинителството и судовите ќе влезат членови на Алијанса за Албанците.

Додека на на комисиските седници опозициската ВМРО-ДПМНЕ жестоко се спротивставуваше на предлог законското решение со кое се предлага квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, исти измени на закон на 8 февруари предложија група пратеници од ВМРО- ДПМНЕ.

Станува збор за измени на законот за заштита на деца со кој се предвидува полагање во хартиена форма со цел разрешување на проблемот со недостаток на кадар во градинките, каде што не можат без лиценца да работат негувателки и воспитувачки.

Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочува дека во неговиот ресор се заглавени најмалку илјада барања за вработувања на негувателки и воспитувачки во градинки и лиценци за директори.

„Над 1 000 барања веќе до денеска се заглавени, меѓу нив се барања поднесени во 2021, 2022 и 2023 година. А во меѓувреме додека бил активен софтверот им се дозволувало да полагаат на лица пријавени во ноември, преку ред, да не кажам“, изјави Велковски.

Но и пратениците да одлучат да ги донесат законските измени ова решение нема да им биде од „ќар“ на стотици други граѓани кои аплицирале за работа или чекаат унапредување во кариерата во некоја друга државна институција, затоа што за нив ќе биде обврзувачко електронското полагање кое не се спроведува веќе три месеци оти 12 институции не се договориле за условите за нов тендер со кој ќе се активира работата на софтверот.

Во оваа групна набавка учествуваат министерствата за правда, економија, животна средина, внатрешни работи, транспорт и врски, како и труд и социјална политика. Од агенциите вклучени се агенциите за супервизија на осигурување, за супервизија на капитално финансиско пензиско осигурување, катастар, потоа комисијата за хартии од вредност, царинската управа и Академијата за судии и обвинители.

Од Министерството за информатичко општество (МИОА) неодамна изјавија пред да истече договорот биле направени повеќе средби за измени на техничката и тендерската документација со претставници од министерствата кои се вклучени во постапката. Се констатирало кои дополнителни алатки треба да ги исполни софтверот, како и трошоците за нив, но дел од институциите не се согласиле да се потпише анекс, за фирмата да продолжи со оддржување на системот. Сега, во тек е подготовката за распишување на нов тендер.

Според тендерската спецификација фирмата „Инфинити Енерџи ИТ Солушнс енд сервисес“ била задолжена за одржување на софтверското решение за систем за работа со тестови набавено во 2014 година за полагање како и овозможување просторни услови за полагање.

„Напоменуваме дека Договорниот орган (Генералниот секретаријат – Владата ) го поседува изворниот код за софтверот кој се користи. За полагањето на испити од страна на договорните органи, корисници на софтверот, избраниот најповолен понудувач треба да обезбеди и простории за оддржување на испитите, односно просторни и технички услови“, се вели во техничката спецификација на тендерот.

Според податоците од Бирото за јавни набавки фирмата „Инфинити Енерџи ИТ Солушнс енд сервисес“ во изминативе две години склучила 43 договори за јавни набавки со државни институции во вредност од над 2 милиони евра.

Два дена пред да истече договорот со Генералниот Секретаријат на 16 ноември лани, Владата го овластила тогашниот министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу да потпише анекс на договорот со фирмата „Инфинити Енерџи Ит Солушнс едн Сервицес“, но тој не го направил тоа бидејќи дел од институциите не се согласиле.

Во одговорот што минатиот месец го доби РСЕ од МИОА е наведено дека Министерството поддржува полагањето на испитите во хартиена форма како алтернатива, се додека не се потпише Договор со нов економски оператор за оддржување на софтверот.

Овој одговор РСЕ го доби додека со министерството раководеше Азир Алиу. Но, по неговото разрешување функцијата ја презеде Наим Бајрами.

До објавувањето на овој текст не добивме одговори од МИОА на прашањата до каде е постапката околу новиот тендер и кои институции одбиваат соработка.

Генералниот секретаријат на Владата во 2021 година склучил договор со фирмата „Инфинити Енерџи Ит Солушнс едн Сервицес“ за одржување на софтвер за полагање на испити во државни институции, откако Владата го поништи тендерот со фирмата „Инвока Груп“, склучен во времето кога генерален секретар беше сега веќе осудениот Драги Рашковски.

Рашковски и сопственикот на „Инвока Груп“ Даниел Станчев беа обвинети поради злоупотреба при спроведување на јавна набавка за софтверот за сообраќајни прекршоци од Генералниот секретаријат на Владата.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More