Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафиов во „24 Анализа“, изрази загриженост поради предлогот за намалување на прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 на 5 проценти. Според него, ваквата мерка ќе придонесе да биде фаворизиран само еден синдикат, што може да предизвика поделби меѓу работничките организации.
Трендафиов истакна дека сите законски измени кои влијаат на работничките права мора да бидат усогласени со синдикатите. Тој додаде дека ССМ секогаш ги застапувал интересите на работниците и дека не е во ред еден синдикат да се бори против останатите. „Намалувањето на прагот изгледа како уцена и ќе нанесе штета не само на ССМ, туку и на сите синдикати во земјата. Во Македонија сите имаат право да се борат за правата на работниците, а ние ќе се спротивставиме на секој обид да ни се наметнат решенија без наша консултација,“ изјави Трендафиов.