Позитивни коментари за излагањето на министерот за здравство, Фатмир Меџити од страна на опозициските пратеници, членови на Анкетната комисија за случајот Онкологија.
,,После долго време се среќаваме со вистински министер. Вашиот транспарентен пристап можам да кажам дека треба да е примерот којшто треба да се следи”-рече пратеничката Иванка Василевска од ВМРО ДПМНЕ.
Василевска му порача на министерот да истрае во своите искрени намери и да помoгне правдата за овој случај да излезе на виделина.
,,Се надевам дека ќе истраете на овој пат и нема да попуштите на ниту еден притисок, и нема да бидете селективен и ќе дозволите вистината да излезе на виделина”-рече Василевска од ВМРО ДПМНЕ.
И пратеникот Тони Јаревски од ВМРО ДПМНЕ, истакна дека од голема важност за разрешница на случајот Онкологија е транспарентниот пристап на министерот Меџити.
,,Министер признавам, пријатно сум изненаден од Вашето коректно излагање. Мене лично ми значеше многу да се укаже од министер, дека не може да биде министер, а да не биде запознаен со состојбите во Онкологија. Имавте исцрпно излагање со многу детали, едно е дали ние ќе се сложиме со нешто или нема да се сложиме, дали е доволно, дали е потребен соодветен пристап итн. но, неприфатливо е да седи министер каде седите Вие и да каже јас не сум запознаен со ситуацијата. За жал изминативе денови, и пред Вас имавме таков случај што иритира многу. Дополнително на тоа многу ни значеше да се укаже и за значењето на КАТО системот од Вас лично, неговото отстранување довело до тоа. Тоа беше наша интенција, неколку пати укажувавме, ако тој бил во функција тоа немало да се случи. Најдовме заеднички потврдни ставови.”-истакна Јаревски од ВМРО ДПМНЕ.
Министерот за здравство Меџити вчера беше сведок пред Анкетната комисија која треба да утврди политичка одговорност за случувањата на Онкологија. Министерот порача дека пациентите и професионалните здравствени работници ја имаат неговата заштита. Во своето излагање Меџити говореше за воспоставен нов систем за контрола на терапијата за пациентите и најави враќање во употреба на КАТО системот со што ќе се врати контролата на Онкологија.