Home » Трамп на судење, прво на американски претседател во историјата

Трамп на судење, прво на американски претседател во историјата

by Журнал.мк

Во Окружниот суд на Менхетн во Њујорк денеска почнува судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и тоа ќе биде прво судење на американски претседател во историјата.

Доналд Трамп е обвинет за фалсификување деловни документи кога и платил на порно актерката Сторми Даниелс, преку својата адвокатка, 130.000 долари за таа да не зборува јавно за нивната наводна афера.

Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани, пишува Гласот на Америка.

Обвинението поднесено од обвинителот Алвин Брег го товари Трамп за фалсификување деловни документи во 34 точки и е прво кривично обвинение против американски претседател.

Обвинителството тврди дека Трамп со фалсификувањето на овие документи всушност сакал да го прикрие влијанието врз изборната кампања во 2016 година, односно да ја намали штетата што би била предизвикана од обелоденувањето на наводните афери.

Според обвинителството, Трамп преку тогашниот адвокат Мајкл Коен и платил 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, за таа да не зборува јавно за нивната наводна афера. Трамп ги покажа тие пари во деловните книги како трошоци за адвокат.
Адвокатите на Трамп рекоа дека тој ги дал парите на Даниелс за да се поштеди себеси, неговата компанија и неговото семејство од јавниот срам, а не за да ја спаси својата кампања.

Обвинението беше покренато во март 2023 година, а почетокот на судењето беше закажан за 25 март годинава, но неколкупати беше одложувано бидејќи тимот на Трамп побара повеќе време за собирање дополнителна документација.

Судењето треба да започне денеска со избор на 12-члена порота, која ќе одлучи дали Трамп е виновен за обвиненијата, што се очекува да биде голем предизвик за судиите, адвокатите и поротниците, бидејќи се работи за висок профил.

Поради тоа што ја навредил ќерката на судијата, Трамп добил судска забрана јавно да зборува за учесниците во овој процес и нивните семејства. Не е познато дали Трамп ќе присуствува на првото рочиште, но се очекува да се појави пред судот во Њујорк во процесот додека води кампања за претседателските избори во ноември.

За Трамп да биде прогласен за виновен, обвинителството мора да докаже дека не само што фалсификувал деловни документи, што би било прекршок, туку дека имал намера да прикрие уште едно прекршување на законот, што е кривично дело.

Дури и ако Трамп биде прогласен за виновен и оди во затвор, тоа нема формално да го дисквалификува да се кандидира за претседател на 5 ноември, според Гласот на Америка.

Трамп се соочува со две други федерални кривични пријави, за незаконско ракување со доверливи документи и обид да ги поколеба резултатите од изборите во 2020 година во негова корист.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More