Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе го преземат разурнатиот од војна Појасот Газа и ќе го развијат економски откако Палестинците ќе бидат преселени, во потег што целосно ќе ја смени децениската политика на САД кон израелско-палестинскиот конфликт.
Трамп го претстави својот изненадувачки план , без да открива детали, на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Тоа е чисто место за уривање“, рече Трамп непосредно пред пристигнувањето на Нетанјаху.
Ако можеме да го најдеме вистинското парче земја или повеќе парчиња земја и да им изградиме навистина убави места со многу пари во областа, тоа е сигурно.
Мислам дека тоа би било многу подобро отколку тие да се вратат во Газа. Не знам како тие (Палестинците) сакаат да останат, рече Трамп на прашањето за реакцијата на палестинските и арапските лидери на неговиот предлог.
Планот на Трамп би вклучувал принудно преселување на Палестинците во земји како Јордан и Египет.
Тој додаде дека САД би можеле да ја обноват палестинската територија.
Трамп предложи САД да воспостават контрола над разурнатиот од војна Појасот Газа, да го развијат економски и да го претворат во „Ривиера на Блискиот Исток“.
Запрашан кој ќе живее таму, Трамп рече дека тоа може да стане дом на „луѓето од светот“.
„Ако е потребно… ќе воспоставиме контрола врз ова парче (земјиште – уред.), ќе го развиеме, ќе создадеме илјадници и илјадници работни места и тоа ќе биде нешто со што целиот Блиски Исток може да биде многу горд“, додаде Трамп.
Трамп претходно рече дека жителите на Газа не треба да се враќаат дома и дека треба да бидат „преместени“ во соседните земји – предлог претходно отфрлен од земјите во регионот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е првиот странски лидер што го посети Вашингтон во вториот мандат на Трамп, го пофали претседателот за неговата способност да „размислува надвор од рамката“ и го нарече Трамп „најголемиот пријател што Израел некогаш го имал во Белата куќа“.