Благоја Милевски го објави својот список на играчи за натпреварите против Летонија и Ерменија во Лигата на нации, но од првично повиканите, големи се шансите дека останува без двајца фудбалери.
Всушност, сигурно е дека Александар Трајковски не е подготвен за најголем напор и поради тоа нема да биде дел од следните два натпревари, а причина за тоа е мускулен проблем кој го влече веќе некое време.
Трајковски поради истата повреда не беше во комбинација за настап и кај Рино Гатузо, но поради сличен проблем, неизвесен за настап е и Дарко Чурлинов.
Крилото кое блесна во Лигата на Европа заработило повреда на вчерашниот меч против Легија во полското првенство, па сега деталните прегледи ќе откријат за каков проблем станува збор.
Одлуката за Чурлинов дополнително ќе биде донесена, а засега селекторот Милевски се уште нема повикано замена за Трајковски.