Македонија е функционална држава со политички капацитет да ги решава отворените прашања и да не дозволи да се повтори 2001 година, кога беше загрозен територијалниот интегритет, унитарноста и суверенитетот на државата, вели Павле Трајанов за „Фокус“.
Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со актуелниот национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, кој, меѓу другото, говори во однос на најавите за дестабилизација. Според него, новата власт има политички и институционални капацитети да спречи, како што посочува, меѓуетнички конфликти од пошироки размери.
Вие, за жал, сте човекот кој ги предвиде безбедносните кризи и во 1991 и во 2001 година. Врз база на сето тоа ваше професионално искуство, дали се реални најавите дека и сега на Македонија ѝ заканува некое слично сценарио?
Горд сум што бев еден од носителите на создавање независна и самостојна држава на Македонците и сите други граѓани што живеат во Македонија. Тој процес беше исклучително сложен и тежок со огромни предизвици.
Тогаш раководев со единствената вооружена сила во Македонија и успешно се спротивставивме на ЈНА, со одземање на воената евиденција спасивме десетици илјади млади да гинат на боиштата во Хрватска и Босна и ги обезбедивме границите на Македонија.
По 33 години од прогласување на независноста и 22 години од вооружениот конфликт со сите системски проблеми, Македонија е функционална држава со политички капацитет да ги решава отворените прашања и да не дозволи да се повтори 2001 година, кога беше загрозен територијалниот интегритет, унитарноста и суверенитетот на државата.
Идеите за поделба на Македонија, неединството и слабостите на системот за безбедност и одбрана придонесоа за класична капитулација и потпишување на Охридскиот рамковен договор, кој беше основа за мир, но не ги реши прашањата за соживот, туку ги продлабочи поделбите по етничка основа и затворање во етнички гета. Повеќе од јасно е дека треба да се отворат сите прашања што ја оптоваруваат и ја кочат Македонија да чекори напред.
Законот за јазиците и балансерот сами по себе се наметнуваат како тригер за некое проблематично сценарио. Дали владата има капацитет овие горчливи прашања да ги реши без поголема ескалација?
Едни од клучните прашања е јазикот, кој треба да биде средство за разбирање, а не основа за манипулации и конфликти. Во Законот за јазиците има решенија што треба да се усогласат со меѓународните конвенции и Уставот на Македонија, посебно околу меѓународната употреба.
„Бадентер“, „Балансерот“, партизацијата и корупцијата, станаа вредносни категории, ги разнебитија институциите и државата ја доведоа во колапс. Водството на ДУИ мошне умешно ги користеше етничките механизми и алчноста за власт на партиите од мнозинскиот народ, сѐ до последните парламентарни избори. ДУИ е во опозиција и тоа треба да ги прифати.
Сепак, ДУИ не се помирува со тоа и најави битка за легитимитетот. Што мислите за правилото „победник со победник“?
Нема ниту уставна, ниту законска основа, ниту, пак, решенија во Охридскиот рамковен договор на кои се повикува влада да се формира „победник со победник“, односно ДУИ да биде дел од власта, и покрај тоа што на изборите беше во коалиција со партии што ги застапуваат интересите на други етнички заедници. ВЛЕН е составена од четири албански партии и е легитимен претставник во власта.
Тоа што се случи по конфликтот, паравоена формација да се трансформира во партија и да владее 20 години е историски преседан и најавите дека тоа може да се повтори е луда идеја.
За тоа дека има такво сценарио за дестабилизација на Македонија има предупредувања од познавачи на состојбите во ДУИ од Албанија и Косово, но и од други држави.