Откако Тојота со првиот Ц-ХР од 2016 година ја научи сцената дека кросоверите не се само подвид на СУВ, туку се сегмент што се шири, светскиот број 1 сега изброи еден милион примероци од моделот што европските возачки и возачи го забележуваат по улица.
Тојота ја привршува годинава со историски успех, меѓу другото со рекорден пазарен удел, со раст од 16,6 проценти во досегашниот тек од годината – и со тоа што се покажува како најубедлив продажен аргумент и во време кога автомобилите возат целосно на струја, со фантастично зголемување на побарувачката за нормален хибриден погон.
Ц-ХР е еден од моделите на Тојота што постигнаа вистинска пресвртница, како за марката, така и општо за пазарот. Кросоверот од една страна го привлече вниманието кон својата марка на клиентите што прво бараат стилски автомобил, а потоа и со предностите на платформата ТНГА, којашто главно донесе поголема забава во возењето Тојота. Сето тоа дојде во комбинација со традиционалните вредности на марката, од издржливост и практичност, до безбедност и квалитет.
Не е далеку од вистината, Ц-ХР да се цени како веродостојно продолжение на поглавјето што славната Селика го испиша на европскиот пазар – кросовер на местото на купе.
Во истражувањата и во комуникацијата со клиентите што Тојота отсекогаш ја практикува, се покажа дека половината од купувачите на Ц-ХР го издвоиле токму стилот на автомобилот како главна причина за изборот. Токму ова стилско парче автомобил е моделот што донесе најмногу нови клиенти во марката, односно возачки и возачи што претходно биле повеќе верни кон друга марка, и сега првпат се решиле за Тојота. А, гамата на Тојота потоа оди угоре, сé до Ланд Крузер, па и до Лексус.
Втората генерација не остави простор за сомнеж, дали ќе го повтори успехот на нејзината успешна претходничка. Ц-ХР е меѓу најпродаваните модели, покрај Јарис и Јарис Крос, Корола и РАВ4. Тоа што купувачите во Тојота годинава се решаваат во 93 проценти повеќе за приклучен хибриден погон во споредба со лани, се должи токму на изведбата ПХЕВ во гамата на кросоверот.
Висок удел во продажбата постигнуваат поопремените и посилни изведби, вклучувајќи го и моделот со приклучен хибриден погон
Тоа воедно укажува дека купувачите повеќе се решаваат за поопремените и поотмени моделски изведби, отколку за основните варијанти. Втората генерација прикажува дизајн што влече корени од Европа, но оттука го црпи и инженерингот, а секако и производството. Инженерите и дизајнерите во техничкиот центар во Завентем, Белгија, завршија одлична работа.
Највпечатливите промени во втората генерација се нагласената ширина на каросеријата, со што се постигнува поцврста става. На тоа се надоврзуваат остри карактерни линии и необични зафати, како на пример, носот на ајкула.
Како концептен автомобил што е побегнат од авто-салон и пуштен е да вози по улица
Исто како што претходничката беше осмислена да изгледа како „концептен автомобил што е пуштен да вози“, така и новата генерација го посредува тој впечаток. Рачките во вратите се впуштени, а посебно доживување во внатрешноста создаваат 64-те бои на амбиенталното светло, што се менуваат дури и зависно од времето во денот. Уште еден врв е стаклениот покрив што користи посебна технологија за да ги заштити патниците од силно сонце и нема потреба од покривка.
Новина во погонот е изведбата со приклучен хибриден погон (ПХЕВ) со 220 КС и со досег, за секојдневното возење да може да се заврши со погон само на струја. Фабриката вели дека досегот е 66 километри според ВЛТП. Батеријата е изработена во Европа, во фабриката на Тојота во Турција што веќе три децении работи според стандардните на јапонската марка.
Видеото од тестот на ексклузивната изведба ГР Спорт
Широка понуда од модели, од достапен 1,8-литарски хибрид до ГР Спорт со погон на сите тркала
Понудата од погонски изведби ја сочинуваат уште изведбата Хибрид 140 со 1,8-литарски бензинец и изведбата Хибрид 200, со дволитарски мотор со 197 КС и 190 њутнметри. Посилната изведба стои на располагање и со погон на сите тркала АВД-и. Уште една варијација е ГР Спорт изведбата.
Уште една посебност е технологијата ФСЦ, што Тојота првпат ја вградува во свој модел. Тоа е дело на германски ЗФ и има функција да ги подобри комфорот и возната динамика, преку амортизери што се приспособуваат зависно од фреквенцијата на нерамнините во патот.