Unihertz Titan 2 доаѓа со Android 15, подобрени камери и потенок дизајн, а ја задржува QWERTY тастатурата за корисниците на кои продуктивноста им е на прво место.
И покрај исчезнувањето на BlackBerry уредите, побарувачката за паметни телефони со физичка тастатура сè уште постои, што го потврдува успехот на додатоци како што е Clicks тастатурата за iPhone. Кинеската компанија Unihertz, позната по своите необични Android уреди, штотуку го претстави Titan 2 — наследникот на својот прв модел инспириран од BlackBerry Passport, сега модернизиран со 5G поврзаност, помоќен процесор и Android 15.
Уредот моментално се нуди преку Kickstarter кампања, која веќе ја надмина целта од 100.000 долари. Редовната цена ќе изнесува околу 399 долари, додека заинтересираните можат да го обезбедат својот примерок за 269 долари, со испораки кои започнуваат во октомври 2025 година.
Titan 2 го движи осумјадрен процесор MediaTek Dimensity 7300 (2.0–2.6 GHz), со 12 GB RAM и дури 512 GB внатрешна меморија. Во споредба со оригиналниот Titan од 2019 година, Titan 2 е значително потенок — 10,85 mm наспроти 16,65 mm — и полесен, со маса од 235 грама (68 грама помалку). Има батерија со капацитет од 5.050 mAh која поддржува брзо полнење од 33 W, но нема можност за безжично полнење.
Главниот екран на Titan 2 е со квадратен формат, дијагонала од 4,5 инчи и резолуција од 1.440 x 1.440 пиксели. Иако не припаѓа на највисоката класа на дисплеи, дизајниран е првенствено за корисници кои бараат ефикасна работа. На задната страна на уредот се наоѓа дополнителен екран со дијагонала од 2 инча (резолуција 410 x 502), сместен во испакнувањето на камерата, корисен за известувања, виџети и правење селфи фотографии.
Системот на камери вклучува главна камера од 50 MP, телефото сензор од 8 MP и предна камера од 32 MP. Тастатурата е унапредена за да овозможи поудобно и посигурно пишување, со можност за доделување функции за краток и долг притисок на секое копче, како и гестови за лизгање на прстот преку тастерите за поместување на содржината.
Уредот исто така нуди Bluetooth 5.4, NFC, инфрацрвен порт, двоен GPS и FM радио. Задржани се и некои карактеристики од претходниот модел, како што се сензорот за отпечатоци и две програмабилни странични копчиња.
Unihertz Titan 2 останува доследен на моделите со физичка тастатура, но во модерна верзија — единствена опција за корисниците на кои едноставно не им е доволен екранот на допир, пишува The Verge.