Манчестер Јунајтед нема добар почеток на натпреварувачката 2024/2025 во Премиер лигата каде по трите одиграни кола освои само три бода и тоа во соочувањето со Фулам на „Олд Трафорд“.
Јунајтед потоа загуби од Брајтон, па беше надигран од Ливерпул во големото дерби, партии и резултати со кои никој не може да биде задоволен во клубот. Екипата денеска му гостува на Саутемптон и се освен победа ќе биде голем минус, разочарување и ќе се зголеми притисокот врз менаџерот Ерик Тен Хаг без разлика на тоа што раководството во повеќе наврати му даде поддршка да го води проектот.
И самиот Тен Хаг е свесен за ситуацијата дека едноставно мора да испорача резултати, победи ако сака да остане на сегашната функција.
-Во фудбалот мора да победуваш, мора да се испорача, тоа е јасно. Добро е што новото раководство тоа го призна и го кажува. Работиме заедно за да бидеме поуспешни и имаме повисоки цели од досега постигнатите. Тоа не е поврзано само со мене.
-Никој не може да негира дека во последните осум-девет месеци многу работи се случија во клубот. Има нов лидерски тим, нова структура и сопственичка структура, нов лидерски тим – огромен пресврт, би рекол. Но, мораме да ги добиеме сите натпревари и тоа секогаш ќе биде пристапот. Тоа не се менува за ниту еден натпревар, -порача Тен Хаг.