Во периодот од 2026 до 2030 година, државата ќе се соочи со сериозен финансиски предизвик, бидејќи на наплата доспеваат вкупно 8,804 милијарди евра јавен долг, односно во просек околу 1,76 милијарди евра годишно, напиша на својот ФБ профил економскиот новинар Горан Теменугов
Од вкупниот износ, 6,2 милијарди евра се главница, додека преостанатиот дел отпаѓа на камати и други обврски преземени во текот на изминатата деценија. Овие бројки, според економските анализи, претставуваат сериозен товар за јавните финансии и ќе бараат внимателно и одговорно управување.
Експертите оценуваат дека на овој начин на наплата доаѓа ефектот од експанзивната фискална политика спроведувана во минатото, што ја става фискалната стабилност на државата на голем тест. Управувањето со ваков обем на обврски ќе биде еден од клучните предизвици за идните влади и носителите на економските политики.
Во наредните години, фискалната политика ќе биде под засилен притисок, а очекувањата се дека институциите ќе мора сериозно да се фатат во костец со проблемот и да преземат мерки за одржлива консолидација, со цел да се избегнат дополнителни финансиски ризици и да се зачува економската стабилност на државата.









