Home » Тече рокот за собирање потписи за кандидати за претседател, досега во игра вкупно 13 имиња

Тече рокот за собирање потписи за кандидати за претседател, досега во игра вкупно 13 имиња

by Журнал.мк

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Тече рокот за собирање потписи на кандидатите за претседател на претстојните избори, а истовремено тече и рокот за пријавување за гласање на дијаспората. Согласно роковникот на Државната изборна комисија, рокот за собирање потписи трае до 8 март, додека пријавувањето на дијаспората за гласање е до 18 март.

Според досега најавеното, на седмите избори за претседател на државата закажани за 24 април, во трка се вкупно 13 имиња за кандидати.

Раководството на СДСМ му даде поддршка на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски за втор претседателски мандат, но одлуката треба да помине низ внатрепартиските тела и органи, а ВМРО-ДПМНЕ ја предлага професорката Гордана Силјановска Давкова, која беше противкандидат на Пендаровски во вториот круг на минатите избори. Сепак, и двајцата ќе треба да бидат потврдени на партиските конвенции закажани за почетокот на март.

До Државната изборна комисија досега како кандидати за претседател се пријавени Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ-За Наша Македонија, Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ, професорката Билјана Ванковска како кандидат на Левица, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција ВРЕДИ, Мерсиха Смаиловиќ која е поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) и Вело Марковски, кој својата независна кандидатура за претседател ја најави во октомври, лани, иако е член на ВМРО-ДПМНЕ. Досега уште четворица други дале изјава со иницијатива за собирање на граѓански потписи до ДИК – Томе Николовски, Господин Поповски, Ѓорѓи Манасков и Зорица Цветковска.

Според претседателот на ДИК Александар Даштевски до ДИК не се доставени никакви забелешки за несоодветни услови од кандидатите кои собираат потписи, а доколку некој нешто такво пријави, веднаш ќе се излезе во пресрет. Нема пријави, според него, ниту за предвремено почнување на кампањата, но, сепак апелира политичките партии да ги почитуваат постапките и да се однесуваат во рамки на законот.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Постапката за собирање потписи, која почна вчера ќе трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.

Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници се поведува со поднесување на известување и изјава до ДИК од страна на предложениот кандидат, односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More