Александар Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, одговарајќи на прашања на обвинителството денеска во Кривичниот суд Скопје, рече дека уште од самиот почеток на истрагата чувствувал дека полицијата се сомнева во него.
Ѓорчевски рече дека ако полицијата од обезбедените снимки во системот на Сејф Сити навремено ги внела регистарските таблички од возилото Цитроен, тогаш во судницата ќе се расправало само за убиството на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. Ѓорчевски рече и дека не го познава првообвинетиот Љупчо Палевски, негирајќи било каква поврзаност со него.
Ѓорчевски одговараше и на лични прашања за својот живот, за тоа дека во минатото бил зависник од хероин, но и како и на кој начин се стекнал со имотот со кој располага. Ѓорчевски е осомничен дека им помогнал на групата предводена од Палевски да ја грабнат неговата 14-годишна ќерка. По Ѓорчевски, следен во судница треба да биде сослушан првообвинетиот Љупчо Палевски. Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.