Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари денеска истакна дека не добиле понуда од коалицијата Влен за обединување во една партија.
Тој вели дека му се допаѓа идејата, и им го даваат името.
„Досега не сме имале понуда од „Влен“ за да бидеме една партија. Ако имаме, ќе одлучиме, но ако тие веќе одлучиле, им го даваме името – нека го задржат името „Влен“. Ние ќе останеме пет пратеника од Алијанса и ќе продолжиме како пратеничка група, но отворени сме за соработка со сите“, изјави Таравари.
Тој негираше разговори со ДУИ.
За информациите дека добил понуди од „Влен“ и од ДУИ да има 35 отсто од советничките листи и пет кандидати за градоначалници на претстојните локални избори, Таравари рече дека не преговарал со ДУИ, а од „Влен“ добил понуда, која повеќе може да ја нарече ултиматум отколку понуда.
„Не сум преговарал со ДУИ. „Влен“ ми пуштија повеќе би рекол ултиматум пред вчерашното Собрание. Јас никогаш не прифаќам ултиматуми, сакам разговори. Ние сме подготвени да разговараме со сите пред се со „Влен“ бидејќи до сега сме дел од „Влен“, но ако одлучат тие четири да одат без нас, ние тоа го прифаќаме“, рече Таравари.