Home » Таравари имал понуда од Ахмети да биде првиот премиер Албанец: За мене ќе беше најдобро да се договорам, но ќе ги изгубев гласачите

Таравари имал понуда од Ахмети да биде првиот премиер Албанец: За мене ќе беше најдобро да се договорам, но ќе ги изгубев гласачите

by Журнал.мк

„Ми нудеа што сакам – да бидам и прв албански премиер и кандидат од ДУИ и од Алијанса, и пратеник и бројки од пратеници и градоначалници, но идејата не ми беше таа. За мене лично најдобро ќе беше да се договорам со господинот Ахмети, меѓутоа ќе имав проблем со гласачот. Членството ќе го убедев, меѓутоа гласачите ќе ги изгубевме“, вели Таравари.

Претседателскиот кандидат на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, денеска во интервју за „Слободен печат“ откри дека пред официјално да им се приклучи на опозиционерите, во разговорите кои ги имал со СДСМ и ДУИ, со кои беше дел од власта, меѓу другото, му било понудено да биде првиот премиер Албанец.

Вели дека гледано од личен аспект, понудата што ја добил од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, била таква што некој тешко би можел да ја одбие. Според Таравари, лично за него би било најдобро да се договори со Ахмети, но, како што вели, во тој случај би имал проблем со гласачкото тело.

„Да беше лично за мене, понудата на господинот Ахмети беше понуда што тешко може некој да ја одбие. Ќе беше многу лесно, и од партијата овие кои беа про-ДУИ ќе земемвме одреден број на пратеници, но потоа не би имале политички идентитет. Ми нудеа што сакам – да бидам и прв албански премиер и кандидат од ДУИ и од Алијанса, и пратеник и бројки од пратеници и градоначалници, но идејата не ми беше таа. За мене лично најдобро ќе беше да се договорам со господинот Ахмети, меѓутоа ќе имав проблем со гласачот. Членството ќе го убедев, можеби не сите, но огромен дел од 60 до 70 отсто ќе ги убедев, меѓутоа гласачите ќе ги изгубевме“, изјави Таравари во интервјуто за „Слободен печат“.

Говорејќи во насока на претстојните избори, Таравари изјави дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) е доволно долго на политичката сцена и дека е време за промена.

„Дваесет и две години можеме да кажеме 1 000 лоши работи за ДУИ, и има грешки, тоа е неспорно, има скандали, но ние ќе се фокусираме на нашата понуда отколку да се занимаваме со нив. Само ќе кажеме дека 22 години, и сè да беше добро и перфектно повторно е доволно. Ова е како во комунизмот, една партија 22 години. Не би сакал да ги критикувам само сакам да кажам и сè да беше добро – многу е“, вели Таравари.

Додава дека Алијанса за Албанците и опозициските партии на Албанците се посакувани коалициони партнери и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ, но вели дека никому не дале збор. Според него, мнозинство од членовите на СДСМ би посакале коалиција со опозициските партии на Албанците отколку со ДУИ зашто, како што вели, свесни се дека она што се случува со СДСМ во последно време е последица на тоа како ДУИ импонира темпо на развој на настаните после 2017 година.

Во однос на претседателската кандидатура како претставник на опозициските партии на Албанците, Таравари вели дека ќе се залага за правата на сите граѓани, иако, како што кажа, не крие дека нивниот главен таргет се Албанците.

„Не сакам да бидам дволичен, главниот таргет ни е албанскиот етникум, но искрено јас очеквам огромна поддршка и од Турци, Роми, Бошњаци, Македонци и од други етнички заедници што живеат во Македонија“, додаде Арбен Таравари.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More