Осум лица заразени со вирусот Марбург починаа во северозападниот регион Кагера во Танзанија, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Здравствената агенција на Обединетите нации соопшти дека ги информирала земјите-членки, преку својата веб-страница за избувнувањето на епидемијата на вирусот Марбург во регионот Кагера во Танзанија и дека ризикот од натамошно ширење на смртоносната болест во земјата и регионот е висок.
„На 10 јануари, СЗО доби веродостојни извештаи од извори во земјата за сомнителни случаи на вирусот Марбург во регионот Кагера во Обединетата Република Танзанија. Шест лица се пријавени дека биле заразени, од кои пет починале. Од 11 јануари 2025 година, девет сомнителни случаи, вклучително и осум смртни случаи, се пријавени во две области – Бихарамуло и Мулеба“, се вели во соопштението на СЗО.
Според СЗО, болеста предизвикана од вирусот Марбург се пренесува од човек на човек преку директен контакт со телесните течности на заразените лица или преку контакт со опрема и други материјали контаминирани со заразена крв, ткива или телесни течности на заразените луѓе, како и контаминирани површини или материјали.