По интуиција Кирица Трајковска го поврзала исчезнувањето на Панче Жежовски со киднапирањето на Вања. Семејството Ѓорчевски биле во старо кумство со Трајковски, па затоа таа понудила нејзиниот син Гоце да помогне да се најде девојчето. Мајката и синот Трајковски воделе паралелна истрага со полицијата, обезбедиле снимки од камерите од фризерница, рибарница и од двете бензиски пумпи. Таа била во тек со сите снимки кои ги обезбедувал нејзиниот син, а во дел од објектите Гоце се претставувал како полициски инспектор. Според објаснувањето на мајката, Гоце Трајковски на снимка го видел „цитроенот“ на Панче Жежовски, кој му бил сомнителен, па почнале да се распрашуваат за пензионерот од Велес.
„Јас видов објави дека Панче го нема. Интуиција. Се распрашувавме кој е човекот што го нема. Го поврзав син ми Гоце со роднина од Велес, за заедно да соработуваат и да продолжат да истражуваат. Најдоа снимка од Велес, од бензинска пумпа, каде се гледа Панче како го вози цитроенот и уште еден со него. Регистрацијата се гледаше“ рече пред судот Кираца Трајковска.
Кираца Трајковска се знае и со првообвинетиот Палевски – и бил зет за втора братучетка, соработувале деловно, а понекогаш пиеле и кафе. Дали според вас, јас би можел да ја убијам Вања? – ја праша првообвинеттиот, на што таа одговори дека негативно, нагласувајќи дека дотолку повеќе не верува во тоа, ако причина биле парите.
Нејзиниот син не дошол на рочиштето бидејќи имал паничен напад и висок крвен притисок.
Денеска сведочеа и најблиските во семејството Ѓорчевски. Дека таткото на Вања во минатото се лечел од дрога сведочеа татко му, мајка му, сестрата и нејзиниот син. Никој од нив не го знаел Палчо, а тврдеа и дека таткото на Вања комуникација со првообвинетиот. По два дена од истагата изгубиле верба во институциите, во полицијата… Тетката на Вања, рече, „во тој момент да го знаев бројот на Бајден и него ќе му се јавевме“.
„Јас ликот не му го знаев на господинот, додека не бев повикана на распит за брат ми, кога го приведоа. Не го знае ниту брат ми, различни кругови, различно се. Се беше многу чудно со полицијата, станот го посетија двајца-тројца полицајци, Гоце дојде и ми рече го викнал инспекторот Музафер и му рекол да го слика станот на Партизанска“, додаде сестрата на Александар.
Внукот пак откри дека Александар барал да му пише на Илон Маск за да ја лоцира Вања, а неколку пати досега му позајмувал пари. Иако не сакал, таткото на девојчето инсистистирал да му ги врати позајмените пари.
„Му напишав на Илон Маск неколку пати, и му пратив на вујко ми слика од мојот телефон само да го смирам бидејќи не можам да ви објаснам тоа беше агоноија. Јас не очекував тој да ми врати, кој сум јас Иво од Скопје, тој е Илон Маск. Вања имаше слика со НАСА и мислевме таа да му ја пратиме, но не стигнавме“ рече Иво Нешковиќ – внук на Александар.
Родителите на Александар Ѓорчевски пред судот кажаа дека нивниот син не должел никому, а зависноста со дрога ја надминал уште пред да се ожени со Зорица – мајката на Вања. Лани останал без работа, а живеел заедно со мајка му.
Судењето за двојното убиство, продолжува за пет дена со испрашување на нови сведоци. На некое од следните рочишта треба да се појави и Гоце Трајковски – за да каже како го поврзале автомобилот на Жежовски со исчезнувањето на Вања.