Home » Судијката – сопруга на советникот на премиерот даде заклетва – за Камбовски изборот е чист

Судијката – сопруга на советникот на премиерот даде заклетва – за Камбовски изборот е чист

by Журнал.мк

Судијката Марија Клетничка Марковска, сопруга на советникот на премиерот за надворешна политика, Сашо Марковски заедно со судиите Иван Џолев, Оља Ристова и Бетим Јахја денеска во Судскиот совет дадоа свечена изјава откако од Кривичниот и тетовскиот суд напредуваа, односно беа избрани за судии во Апелациониот суд во кривичниот оддел.

Според претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски избрани се добри судии во фер и транспарентна постапка.

– Факт е дека сите тие се долги, долги години судии, над 15 години, некои 18 години, некои 20 и навистина сега е жално дали нивниот сопруг или сопруга има друга професија и сега целиот нивен живот којшто го посветиле на судиската функција да го поврзуваме со сопругот или со сопругата – изјави Камбовски.

Никој од судиите не сакаше да даде изјава за медиумите по заклетвата пред Судски совет.

Свечена изјава не дадоа судиите избрани во Апелација за граѓанскиот оддел затоа што имало жалби од кандидатите што конкурирале и до Судскиот совет и до Врховниот суд, а меѓу избраните беше и сопругата на претседателот на Уставниот суд Цветанка Сиљаноска Костадиновска.

На прашањето зошто тоа не се случило пред една година или две, туку сега кога нивните сопрузи се функционери Камбовски вели дека постапката била почната од поодамна.

– Оваа постапка беше почната пред година и половина се правеа ранг листи и како што видовте ние во кривичниот оддел, конкретно избравме точно како што беше ранг листата. немаше ни прескокнување ни фаворизирање на некого па мислам дека избравме добри судии и дека постапката беше фер и транспарентна. Друго е прашањето за начинот на оценување како се добиваат бодови, меѓутоа тоа е друга проблематика која се надевам дека во иднина ќе ја решиме и ќе имаме некое пообјективно оценување на судиите – рече Камбовски.

Откако Џолев беше избран за судија во Апелација, Кривичниот суд останува без претседател и се очекува да биде именуван ВД претседател, да се распише оглас и по неколку месеци да биде избран редовен претседател на новиот Кривичен суд.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk