Home » Судијката Периќ се повлече од трката за Судски поради здравствени причини, а оди на работа – сомнежи за притисоци и влијанија

Судијката Периќ се повлече од трката за Судски поради здравствени причини, а оди на работа – сомнежи за притисоци и влијанија

by Журнал.мк

Судијката од Врховниот суд, Цветанка Периќ која се кандидираше за член на Судскиот совет од редот на врховните судии, една недела пред изборот за нови членови на Судскиот совет, доставила известување дека ја повлекува кандидатурата.

Според она што го напишала во известувањето, Периќ одлучила да се повлече поради здравствени причини, иако според сознанијата на членовите на Советот таа одела на работа.

Сепак таа останува на гласачкото ливче заедно со колегата Исамедин Лимани бидејќи кандидатските ливчиња се веќе отпечатени, па понатаму е на нејзе како ќе постапува.

На седницата присуствуваше е претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми која е член на Советот и кажа дека ниту таа, ниту судиите во Врховен суд не се запознаени со причините, ниту за поднесената пријава.

Порача дека целта на кандидатите од Врховниот суд за член на Судскиот совет треба да имаат за цел гарантирање на самостојноста и независноста на судството и негово реформирање.

– Да појаснам ниту јас, ниту судиите на Врховниот суд не сме запознаени со причините ниту за поднесената пријава. Од апсект на транспарентност и колегијалност да се извести седницата на судии со оглед на фактот дека изборниот процес е започнат и е дојден пред гласање. Вршењето на судиската функција, е јавна рбота која е непосредно поврзана со јавниот интерес, порача Адеми.

Дел членови на Судскиот совет децидно и јавно кажаа дека се непријатно изненадени од нејзиното повлекување, разочарани, а членот на Советот, Ивица Николовски порача дека Советот треба да се позанимава со тоа дали на судијката и се правеле одредени притисоци и влијанија за да донесе ваква одлука.

Дел од членовите на Советот заедно со претседателката Весна Дамева изразија сомнеж за нејзината одлука додека, членовите од албанска националнст кажаа дека тоа е нејзинот лично право и дека Советот не треба да се впушта во содржината на нејзиното известување.

-Јас сум непријатно изненадена. Ова се случува во фаза пред изборите, кога целата постапка е завршена. Навистина за мене оа е најмалку чудно. Се работи да судија од Врховен суд. Ние како Судски совет може да констатираме само дека таа ја повлекла пријавата. Јавноста мора да го знае тоа. Освен да констатираме дека е повлечена кандидатурата не може ништо да направиме, рече Антоанета Димовска, член на Судски совет.

Членот на Судскиот совет, Тања Чачорова Илиева кажа дека ова е несериозен чекор за судија од Врховниот суд и порача дека секој судија што планира да се кандидира за чен на Судскиот совет би требало претходно да направи подлабински анализи за личните состојби и да процени дали би можел да одговори на одговорноста.

-Ние сега се наоѓаме во фаза кога се отпечатени гласачките ливчиња да добиеме известување една недела пред изборите за членови на Судски совет, рече Павлина Црвенковска која порача дека треба да се размислува за тоа да постои некој рок до кога може да се повлече одредена кандидатура.

Членот Ивица Николовски отиде чекор понатаму и порача дека треба да се испита дали навистина Периќ се повлекла поради здравствени причини.

Според него, во оваа фаза нема оправдани причини поради кои некој би се повлекол. Николовски порача дека ако Периќ имала здравствени проблеми таа немало да може да ја обавува судиската должност, а според документацијата што ја поднела имала позитивни резултати во нејзината работа.

-Како Судски совет во иднина треба да ги испитаме овие наводи, дали има сериозни здравствени пречки. Треба да се посветиме дали се можни влијанија и притисоци, рече Николовски кој бил и во Комисијата за спроведување на изборот на членови за Судскиот совет.

За претседателката Дамева е разочарувачки судија на Врховен суд кој го знае Законот за Судски совет и ја знае постапката за избор, да направи ваков чекор.

-Едно прашање ќе го начнам. Добро да размислиме дали при донесување на судиски одлуки, имало предомислување по донесената одлука. Еднаш изнесен став, во насока на заштитување на личниот интегритет, треба да остане до крај, рече Дамева.

Сепак членовите Селим Адеми, Миљазим Мустафа и Мирсад Суроји не навлегуваа во причините за одлуката на судијката.

Според Мустафа, со оглед на тоа дека се работи за врховен судија сигурно имала оправдани причини зошто се одлучила на овој чекор.

Според Суроји пак нејзино лично право е да донесе ваква одлука и според него, не треба членовите да се впуштаат во толкување на содржината на известувањето.

На итната седница која беше закажана за денеска по известувањето на Периќ, не присуствуваа членовите Лорета Георгиева која била на боледување и Ханиф Зендели кој користел годишен одмор.

Членовите на Советот едногласно констатираа дека го примиле известувањето на судијката и донесоа заклучок дека нема да се менуваат кандидатските ливчиња со оглед на тоа дека веќе се испечатени.

На 6 јуни треба да се одржат избори за членови на Судскиот совет од редот на Врховните судии и од редот на судиите од битолското апелационо подрачје, за што се пријавени тројца кандидати.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More