Случајот со поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово Блерим Рамадани, кој побегна од куќен притвор, ќе го испитува посебна Комисија која ќе треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред неговото бегство ги донел скопскиот кривичен суд. Одлуката за формирање ваква комисија ја донесе Судскиот совет на денешната седница. Претседателката на Судски, Весна Дамева, вели дека формално не се известени за случајот, но реагираат по допрен глас.
Комисијата која ќе треба да ги испита донесените одлуки на Основниот кривичен суд Скопје во врска со притворот на Рамадани, ќе биде во состав од судијата Александар Камбовски од Кривичниот суд, заменик-претседателот на Судскиот совет, Ханиф Зендели, и членот на Судскиот совет, Павлина Црвенковска.
На итна седница Судскиот совет донесе и одлука за разрешување на осудениот врховен судија Наќе Георгиев кој доби затворска казна во траење од три години за примање мито. Претседателката на советот, Весна Дамева, рече дека по докажувањето вина кај Георгиев се докажало дека никој, ниту судија од највисоката судска инстанца не може да пркоси на фактите и доказите, без разлика што тој претходно ја негирал одговорноста.
Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и тој веднаш ќе биде однесен во затвор. Ќе ги врати и парите од поткупот.
„За кривичното дело што му се става на товар со одмерената единствена казна затвор во траење од три години, ќе се остварат целите на казнувањето во поглед на специјалната и генерална превенција предвидени во чл. 39 од Кривичниот законик. Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор. Дополнително, криминалистички обработените банкноти што беа пронајдени во ПМВ на осомничениот ќе бидат вратени на сведокот, а останатите 5 000 евра ќе бидат конфискувани во корист на Буџетот на РСМ како стекната имотна корист од кривично дело“
Разрешувањето на врховниот судија Наке Георгиев доаѓа откако тој призна дека примил мито и се спогоди со Обвинителството да добие затворска казна од три години, а исто толку време ќе има забрана за вршење на професијата. Пред два дена, и второосомничениот за овој случај, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, си поднесе оставка, призна вина и се спогоди со Обвинителството за условна казна.