Заврши распитот на Боре Видевски, обвинет во случајот за двојното убиство на малата Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес. На денешното рочиште се изнесуваа неговите искази од истрагата. Видевски на досегашните рочишта негираше негова инволвираност во случајот и негираше вина за двете обвиненија за грабнување и за убиство со тврдење дека за време на убиството на Жежовски бил на работа, а за време на убиството на Ѓорчевска спиел во седиштето на партијата „Десна“ во Скопје до 10 часот, по што си заминал дома во Велес.
– Останувам кон се што кажав во полиција. Целата ситуација потекна пред јас да знам што се договорило претходно. Јас бев во финансиска криза па ја прифатив идејата да изнудиме пари како што тие претходно се договориле. Со Реното Кангу и Цитроенот и на одредено место го извадивме Жежо, ние се вративме назад кон колите, мислев дека и другите ќе се вратат, слушнав истрел, изјавил Боре Видевски во исказот на 04 12 2023 година.
Според неговите тврдења не се договарале за киднапирање туку литија против промена на името на МПЦ.
– Не знам точно, ова е моја претпоставка, партијата планираше повеќе активности главна беше МПЦ – ОА, кога ќе се направат, 130 140 декларации да се поделат по помесните цркви, но тоа да не биде влегување и оставање на декларациите на одредена личност туку во вид на организирана литија со граѓани од Велес и другите градови бидејќи планот беше да се тргне од Велес прво па потоа и од другите градови. Мислам тоа е причината ништо друго. Претпоставувам за конекцијата за што би можело друго, да биде за конекција меѓу народот и да не се користат мобилни телефони, изјави Видевски.
Одговарајќи на прашањето зошто се користеле радио станици. Кога станува збор пак за оружјето што го поседува вели дека последно што направил е во 2017 та кога ги обновувал дозволите и не се сеќава каде се наоѓа поради некористење долго време, а пиштолот бил стар 20 до 30 години. По што судијата Ивица Стефановски го прашуваше во врска со снимките од домот на Велибор Манев на кои се гледаат радио станици, за кои Видевски изјави дека прв пат ги гледа.
-Прв пат ги видов и мислам дека беа за проба донесени, да видиме дали работат, рече тој.
На прашањето дека на снимките се гледа дека на одреден датум обвинетиот доаѓа кај Велибор Манев со својата Шкода, односно за причината за таа средба, тој одговори дека не ја знае причината.
-Не сум сигурен воопшто за саатницата, мислам дека не е во раните утрински часови, туку е навечер, причината поради која се случува не знам ни сам, мислам дека ми се јави да дојдам и ми рече да се спуштиме по патот и ми ги даде ракавиците, без да размислам ги ставив и продолживме надолу по улицата, но, се вративме брзо, за десетина минути бидејќи не видов никаква цел каде што треба да се оди, ми беше глупо и се вративме, додаде Видевски.
Неговата одбрана вели дека јавноста може да верува во вториот исказ даден од Видевски поради како што вели дека пред да се даде првиот исказ имало притисок врз обвинетиот.
Судскиот процес продолжува со следно рочиште на втори април со почнување на распитот на обвинетиот Влатко Кешишев по кого треба да им се изврши распит на Александар Ѓорчевски татко на Вања и Љупчо Палевски Палчо.