Најголемиот факултет на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ кубури со простор. Студентите на Факултетот за медицински науки наставата ја следат во неколку објекти. Ректорот Дејан Мираковски вели дека очекува проблемот да се реши со доизградбата на новата болница. Од страна на министерството за здравство им е побаран основниот проект за изградба на зградата на Факултетот за медицински науки, кој треба да е во близина на новата болница, чија изградба подолг временски период е стопирана.
Проектот за изградба на Факултетот за медицински науки ќе претрпи измени, бидејќи е од пред 11 години, а ќе се простира на околу 6.000 метри квадратни. Освен амфитеатри, предавални, во него ќе бидат сместени и неколку Институти кои ќе имат научно-образовна компонента.
На штипскиот Факултет за медицински науки студираат македонски студенти, но овој факултет е атрактивен и за странските студенти, а особено од Турција. Програмата по општа медицина може да се следи и на англиски јазик.