АД ЕСМ денеска достави понуда од 62 евра за мегаватчас на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за количините и цената по која ќе му ја продава електричната енергија од следната година. Тоа е за само 3,33% повисока цена од сегашните 60 евра за мегаватчас. Од ЕВН Хоум потврдуваат дека ова е најповолна понуда добиена на тендерот и дека државните електрани ќе покријат 100% од потребите.
„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри. Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“ – ЕВН Хоум.
ЕСМ сега покрива 100% од потребите на ЕВН Хоум. Токму од оваа цена најмногу зависи и крајната цена која ќе ја плаќаат граѓаните од 1 јануари идната година. Одлуката за цената завчера беше донесена на затворена седница на Владата. Премиерот Христијан Мицкоски претходно во неколку наврати најави дека новата цена по која ЕСМ ќе ја понуди струјата ќе варира од 58 до 62 евра за мегават час.
ЕСМ ќе ги покрива и загубите на Електродистрибуција по просечна цена од 106 евра за мегаватчас. Претходно оваа цена изнесуваше 105,00 евра за мегаватчас. Тоа значи дека покривањето на загубите во системот ќе чини слично како и досега. Оваа цена, заедно со барањата на операторите МЕПСО и МЕМО влегува во одлуката за цената на преносот и дистрибуцијата која треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски вели дека не сака да шпекулира колкава ќе биде цената.
„Ние прво треба да ги определиме овие цени, а потоа, откога ќе ги определиме овие цени, универзалниот снабдувач врз основа на трошокот, што го има за набавка на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, ќе направи пресметка и ќе достави на контрола во Регулаторната комисија за енергетика. Тоа очекувам да биде некаде во првата половина на декември и целиот овој процес да го завршиме. Во однос на тој дел ние што го регулираме, Регулаторната комисија за енергетика во следните неколку денови ќе ја информира јавноста за своите одлуки – изјави Бислимоски.
Новата цена на струјата која ќе важи по Нова Година треба да се донесе до крајот на декември. На први јули годинава струјата поскапе во просек за за 0,4% за најголем дел од домаќинствата.