Наместо да дува во празно, познатиот штипски ветер ќе произведува струја. Во Штип, ќе се гради најголемиот ветерен парк во Западен Балкан кој ќе се простира на 326 хектари. Градежните активности ќе почнат во втората половина на годината и освен на територијата на Штип, паркот ќе зафати дел и од атарот на општините Карбинци и Радовиш. Според анализите, турбините ќе произведуваат енергија со која ќе може да се опслужат над 150.000домаќинства, притоа избегнувајќи емисија на 980.000 тони јаглерод диоксид годишно.
„Фазата на изградба се очекува да започне во втората половина од оваа година и да трае приближно три години, а оперативната фаза ќе запоичне со поврзување на ветерниците со националната мрежа и се очекува тоа да биде во 2027 година„ изјави Тања Димитрова Филкоска
Паркот ќе има 54 генератори на ветерни турбини кои годишно ќе произведуват над 860 GWh електрична енергија. Освен производството на енергија од обновливи извори, бенефит ќе има и локалната заедница, сметаат од компанијата којашто ќе го гради паркот. Се предвидува и изградба и реконструкција на пристапни патишта во должина од околу 68 километри.
„Како додадена вредност е изградбата на пристапните патишта во регионот кои треба да бидат јавно достапни. Исто така ќе се создадат привремени работни мреста за време на изградбата, а ќе има и долгорочни вработувања откако проектот целосно ќе биде оперативен. Изведувачите ќе бидат охрабрени да ангажираат локални подизведувачи и локална работна сила„ изјави Тања Димитрова Филкова.
Ветерниот парк којшто треба да го гради компанијата Алказар Енерџи ќе биде со работен век од 25 до 30 години и според најавите ќе чини околу 450 милиони евра.