Home » Страшни сведоштва на мигранти:„Нѐ фрлаа во водата со врзани раце, деца умираа едно по едно“

Страшни сведоштва на мигранти:„Нѐ фрлаа во водата со врзани раце, деца умираа едно по едно“

by Журнал.мк

Би-Би-Си објави анализа во која, повикувајќи се на сведоци, тврди дека грчката крајбрежна стража е одговорна за смртта на најмалку 43 мигранти во Средоземното Море во период од три години, вклучително и девет кои биле намерно фрлени во водата.

Како што се наведува, станува збор за мигранти кои биле протерани од грчките води или вратени во морето откако стигнале до грчките острови. Би-Би-Си наведува дека во 15 одделни инциденти од мај 2020 до мај 2023 година, кои ги анализирала, загинале 43 мигранти.

Грчката крајбрежна стража, сепак, ги отфрли сите обвинувања за незаконски активности.

Најголем дел од изворите за анализа на Би-Би-Си се локални медиуми, невладини организации и турската крајбрежна стража, но и директни сведоци.

Во пет случаи, мигрантите рекле дека биле фрлени во вода од припадници на грчката крајбрежна стража, додека во други случаи рекле дека биле фатени на грчките острови и вратени во гумени чамци, кои потоа се издишувале или изгледале како да се дупнати.

Бројни мигранти сведочат за примери како припадниците на крајбрежната стража, маскирани и често во цивилна облека, ги тепале и ги фрлале нивните сопатници во вода.

Еден човек од Сомалија рекол за Би-Би-Си како во март 2021 година бил фатен од грчката армија по пристигнувањето на островот Хиос, која потоа го предала на грчката крајбрежна стража. Крајбрежната стража, вели, му ги врзала рацете зад грб, а потоа го фрлила во морето.

„Сакаа да умрам“ – рекол тој и додал дека успеал да преживее пливајќи на грб, пред да му се ослободи едната рака. На крајот успеал да исплива до копно, каде што бил забележан од турската крајбрежна стража. Но, морето било разбранувано и тројца од неговата група загинале.

Во најсмртоносниот инцидент, во септември 2022 година, брод со 85 мигранти наиде на неволја во близина на грчкиот остров Родос кога му откажа моторот.

Грчката крајбрежна стража ги качила на брод, ги вратила во турските води и ги ставила во чамци за спасување кои немале соодветно затворен вентил.

„Веднаш почнавме да тонеме, го видовме тоа… Не слушнаа како врескаме, а сепак не оставија“ изјави тој за Би-Би-Си.

„Првото дете што почина беше синот на мојата братучедка… Потоа еден по еден. Уште едно дете, уште едно дете и на крај и братучедот исчезнаа. До утрото умреа седум, осум деца“ раскажал за Би-Би-Си.

Грчкиот закон им дозволува на сите мигранти да бараат азил на неколку острови во специјалните центри за регистрација, но според луѓето со кои разговараше Би-Би-Си, тие биле уапсени дури и пред да стигнат до центрите.

Организациите кои се занимаваат со човекови права посочуваат дека и покрај меѓународното право и правото на Европската унија кои дозволуваат право да бараат азил, илјадници луѓе се нелегално вратени од Грција во Турција, пишува Би-Би-Си.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More