Home » Столтенберг вели: Западниот Балкан е од стратешка важност за НАТО

Столтенберг вели: Западниот Балкан е од стратешка важност за НАТО

by Журнал

Западниот Балкан има стратешка важност за НАТО и затоа Алијансата е воено присутна во регионот, во услови кога состојбата во него е кревка, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг по денешната средба со црногорскиот премиер Милојко Спасиќ во Брисел, на која главни теми биле состојбите во Косово и во БиХ, руската агресија врз Украина и подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Вашингтон.

-Затоа сме многу загрижени кога гледаме насилство како она минатата година во Косово, истакна Столтенберг, додавајќи дека ваквите појави се неприфатливи и како одговор на нив, НАТО го засили своето воено присуство на терен, испраќајќи дополнителни војници во составот на силите на КФОР, кои се таму со мандат на ОН.

Столтенберг истакна дека НАТО работи на гарантирање на стабилноста и заштитата на сите заедници во Косово, како и дека целосно го поддржува дијалогот што се води меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.

Тој најави дека членовите на Северноатлантскиот совет следната недела ќе ја посетат Босна и Херцеговина за да ја искажат силната поддршката на НАТО на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

-Сите политички лидери мора да работат на зачувување на единството, што е од клучно значење за стабилноста на земјата и на регионот, истакна генералниот секретар на НАТО.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, босанските лидерите мора да се воздржат од подбуцнувачка реторика и да го почитуваат територијалниот интегритет на БиХ во нејзините меѓународно признати граници.

Потсетувајќи дека наскоро ќе се навршат две години од почетокот на руската агресија врз Украина, Столтенберг се заблагодари за поддршката на Црна Гора на Киев преку сеопфатниот пакет за помош на НАТО.

-Но, сојузниците од НАТО и ЕУ треба да отидат чекот напред и да обезбедат дополнително финансирање за Украина во ова критично време, бидејќи ако (рускиот) претседателот (Владимир) Путин победи во Украина, постои ризик дека повторно ќе ги употреби своите сили, истакна Столтенберг.

Од тој аспект, Столтенберг нагласи дека членството на Шведска е од клучна важност за зајакнување на НАТО во целина и ја поздрави турската ратификација на приемот на земјата во Алијансата, изразувајќи надеж дека овој пример ќе го следи и Парламентот на Унгарија и дека ќе ја заврши ратификациската постапка до крајот на февруари.

Столтенберг додаде дека Црна Гора е важен член на НТАО, која има свои војници во состав на силите на Алијансата распоредени во Бугарија и Летонија по руската агресија врз Украина, како во Ирак во рамки на мисијата за обука на ирачките безбедносни сили.

Спајиќ, од своја страна, нагласи дека денешната негова средба со Столтенберг била можност за продолжување на нивниот разговор започнат на средбата на лидерите на земјите членки на НАТО од регионот на Југоисточна Европа во Скопје и ја повтори посветеноста на Црна Гора на регионалната соработка и зачувувањето на мирот и стабилноста.

-Како регион од стратешка важност, се согласивме дека Западниот Балкан треба да остане меѓу приоритетите на НАТО во пресрет на Самитот во Вашингтон, истакна Спајиќ.

Тој додаде дека Црна Гора во Буџетот за 2024 година ги зголеми средствата наменети за одбраната на ниво од 2,1 проценти од БДП, надминувајќи ја со тоа целта од два отсто поставена од НАТО, при што 35,24 проценти од оваа сума ќе биде неменета за модернизација на вооружените сили.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More