Иако последиците од аерозагадувањето се се позагрижувачки, општините од југозападниот и пелагонискиот регион овој проблем по се изгледа не го сфаќаат сериозно. Се уште не е формирано меѓуопштинското јавно претпријатие кое треба да го стартува процесот за изградба на регионалната депонија во Новаци.
Од 18 те општини вклучени во проектот само општина Охрид ја изготвила техничката документација, останатите доцнат со активностите, а само четири се одзвале на соработка со активистите од Иницијативата “Збогум Буково” кои велат иако проблемот е алармантен а загадувањето од депониите енормно комуникацијата со општините оди многу тешко.
Според активистите парите за регионалната депонија се обезбедени, но за затворање на Буково допрва треба да се изнајдат средства.Сега се обезбедени 50 илјади евра за изготвување на документација за санирање и реанимирање на оваа депонија.
Претставниците на иницијативата „Збогум Буково“ велат дека македонски граѓани кои живеат во странство изразиле интерес да инвестираат во Буково, односно да изградат постројка за добивање електрична енергија од гасовите што се ослободуваат од депонијата.
Инаку во однос на депонијата Буково последиот одговор од општина Охрид е дека сметот ќе се покрива со земја како привремено решение за граѓаните да не се гушат во неподнослива миризба а следната година депонијата ќе се огради и осветли, ќе има и видеонадзор се до нејзината трајна дислокација.