По бурната седница со инциденти, физичка пресметка, солзавец, шок бомби и три повредени пратенички, Собранието денес и покрај барањето на опозицијата да се расправа само за студентските барања и оставка на Владата, продолжи со работа со расправа за 70 законски проекти. Оставката на премерот и Владата е последна точка на дневниот ред.
Опозицијата при влезот во Народното собрание беше детално претресена од обезбедувањето и не се наоѓа во собраниската сала.
Пред почетокот на седницата, полицијата соопшти дека синоќа имало лажна дојава за подметната експлозивна направа.
Опозицијата соопшти да поради претресот на полицијата на нивните простории заради лажната бомба не може да се врати во собраниската сала.
„Бидејќи се е ненормално, а оваа власт сè уште се обидува да се однесува како ништо да не се случило на 1-ви ноември, како ништо да не им се случува овде пред нос во Белград и низ цела Србија, одговорот беше ист како вчера, а денес, откако влеговме во оваа зграда, откако не знаеме којшто проверуваше и на кој начин во нашите канцеларии, едноставно не можевме да се вратиме во салата како ништо да не се случило“, изјави Мариника Тепиќ, пратеник на „Партија за слобода и правда“.
Во Собранието тече расправа за амандманите на предложените закони засега без присуство на опозицијата, која најави дека ќе гласа само за законите за студентските барања.