Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска беше домаќин на средбата со министерот за локална самоуправа Златко Перински и неговиот заменик Ерџан Селими кои ја посетија општината како дел од теренските посети во рамки на „Каде што срцето е дома“.
Присутни на средбата беа и членовите на општинскиот Совет, како и раководителите на секторите. Се дискутираше за актуелни измени на Законот за локална самоуправа, како и за предизвиците и потребите со кои се соочува општината, базирани на барањата на граѓаните.
Остварена беше конструктивна дискусија која беше од големо значење за натамошното унапредување на локалната самоуправа и справување со предизвиците на терен.
-Особено ги разгледавме можностите за измена на Законот за локална самоуправа и како тие ќе влијаат на нашето функционирање и услуги за граѓаните. Опфативме теми кои се суштински за потребите на жителите и ќе се обидеме заедно со поддршка од Владата да изнајдеме заеднички модели на решавање на одредени ситуации. Ова е одбра пракса и ја поздравувам како градоначалник – изјави Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров, додаде, продолжува со посветената работа за добробит на своите граѓани и унапредување на инфраструктурата.
-Заедно со Владата, ресорните министерства и сите релевантни институции ќе продолжиме да работиме на создавање подобра и поефикасна локална самоуправа. Понудената финансиска поддршка од Владата е од исклучителна важност за реализацијата на овие проекти, кои ќе го забрзаат развојот на инфраструктурата и ќе ги решат долгогодишните предизвици на локално ниво – подвлече Стојкоски.
Во оваа насока, Општина Ѓорче Петров ги поканува граѓаните утре во 18:30 часот во Домот на културата да присуствуваат на отворен настан каде ќе имаат можност да ги кажат своите идеи, сугестии, забелешки, како и предлози за одредени законски измени.