Александр Митровиќ и Сергеј Милинковиќ Савиќ беа меѓу најзаслужните за ланската фантастична сезона во која Ал Хилал доминантно стигна до титулата во Саудиска Арабија. Токму затоа, изненадувачки делува информацијата дека раководството на клубот нема да смета сериозно на овие двајца фудбалери за наредната сезона и планира да се ослободи од нив во текот на летово.
Причина се слабите резултати сезонава поради кои Ал Хилал најавува сериозен ремонт во играчкиот кадар во летниот преоден рок. Овој клуб тргна во офанзива по Бруно Фернандеш од Манчестер Јунајтед, за нова „деветка“ е во завршни преговори со Дарвин Нуњез, а се најавуваат уште неколку врвни засилувања од елитните европски лиги. За нов тренер се најавува дека ќе биде ангажиран Марко Силва од Фулам, кој своевремено имаше одлична соработка со Митровиќ, но на крајот односите останаа нарушени поради штрајкот на Србинот за да издејствува заминување од „Крејвен котиџ“.
Челниците на Ал Хилал ќе ги стават двајцата српски фудбалери на трансфер-листа, сумата што ќе ја бараат за нив нема да биде висока (се шпекулира со бројки под 20 милиони евра). Митровиќ е поврзуван со трансфер во Фенербахче како замена за Един Џеко, додека Милинковиќ – Савиќ би можел да се врати назад во Италија, каде неколку клубови покажуваат сериозен интерес да го доведат во своите редови.