Home » Спасовски, Шварц и Дакот од Вашингтон: МВР успешно ги спроведе сите проекти на ИЦИТАП програмата на САД

Спасовски, Шварц и Дакот од Вашингтон: МВР успешно ги спроведе сите проекти на ИЦИТАП програмата на САД

by Журнал

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, остварил средба со заменик помошник на Јавниот обвинител на САД, Брус Шварц, и извршен директор на ИЦИТАП, Грегори Дакот, во Одделот за правда на САД, соопштија денеска од МВР.

Истакнувајќи дека правдата и внатрешната безбедност се столбови на секое стабилно демократско општество, Спасовски нагласил дека во овој дел поддршката од САД е од огромно значење.

– На овој пат за Република Северна Македонија, поддршката и соработката со Одделот за правда на Соединетите Американски Држави, особено преку ИЦИТАП – Меѓународната програма за обука и помош во криминалистички истраги, се од клучно значење во нашите заложби за градење цврсти, граѓански ориентирани полициски институции, истакнал Спасовски, наведувајќи дел од проектите и обезбедени донации и обуки, општи и специјализирани полициски курсеви, за повисоките и раководни полициски службеници, патролни полициски службеници, како и помошниот персонал, вработени во Бирото за јавна безбедност, примарно во организиран криминал, компјутерски криминал и дигитална форензика.

Како што стои во соопштението од МВР, Спасовски се заблагодарил за донацијата за реновирање на полициски објект во Скопје, а особено за спроведувањето на проектот за носење мобилни камери за потребите на сообраќајната и во граничната полицијата. Овој проект, нагласил тој, е многу важен за нас како полиција и Министерство за внатрешни работи кој прерасна во препознатлив превентивен механизам во борбата против корупцијата. Притоа, тој го информирал Шварц за напредокот на МВР во борбата против корупцијата.

– Со големо задоволство можам да Ве информирам дека во таа насока имаме одличен напредок во откривачката дејност во борбата против корупцијата и тоа: само во изминатава 2023 година откриени се над 64 коруптивни злоупотреби, 121 кривично дело, со вкупно 178 сторители, за причинета материјална штета од над 350 милиони денари, рекол Спасовски, заблагодарувајќи им се на сите колеги и персонал на Програмата ИЦИТАП, обучувачите и координаторите, до службениците кои секојдневно го применуваат стекнатото знаење, како и до Шварц за поддршката изминативе децении.

Заменик помошникот на Јавниот обвинител на Соединетите Американски Држави, Брус Шварц, изразувајќи чест и почит кон министерот Спасовски рекол дека особено е горд што изминативе години работат со него и благодарение на клучното лидерство и посветеност на министерот Спасовски оваа соработка е на исклучително ниво. На ова, како што стои во саоопштението, директорот на ИЦИТАП Дакот се надоврзал дека посебно се радува што во овој изминат период сите започнати проекти на ИЦИТАП програмата на САД се навремено и успешно спроведени во рамки на МВР.

– Нашето стратешко партнерство изминативе 30 години е надградено и претставува пример за сите останати. И во иднина ви стоиме на располагање да помогнеме со експерти и размена на искуства во спроведување на сите проекти во борбата со корупцијата, рекол Шварц, се наведува во соопштението од МВР.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More