Home » Сопругата на Навални: Путин и луѓето околу него ќе сносат одговорност за она што го направија на нашата земја, на моето семејство и на Алексеј

Сопругата на Навални: Путин и луѓето околу него ќе сносат одговорност за она што го направија на нашата земја, на моето семејство и на Алексеј

by Журнал

Најгласниот противник на рускиот претседател и единствената опозициска фигура која му претставуваше каков таков предизвик, Алексеј Навални починал во казнена колонија на Сибир, каде ја издржуваше последната затворска казна од 19 години. Веста ја објави затворската управа, која додаде дека на Навални му се слошило за време на прошетка, по што речиси веднаш изгубил свест. Била повикана итна медицинска екипа, кој и покрај напорите да го реанимира морала да прогласи смрт. Причината за смрт сѐ уште се утврдува, се вели во соопштението.

Неговата сопруга изрази сомнеж во вистинитоста на информациите за смртта на Навални, затоа што многу пати досега се докажало дека Путин и неговиот режим во Кремљ лажат.

„Но, ако ова е точно, сакам Путин и сите околу Путин, неговите пријатели, неговата влада да знаат дека ќе сносат одоговорност за тоа што ѝ го направија на нашата земја, на моето семејство и на мојот сопруг. А тој ден ќе дојде многу наскоро“, порача Јулија Навалнаја, сопруга на Алексеј Навални.

Адвокатот на Навални, Леонид Соволјов за руските медиуми рекол дека засега нема да дава изјава, но блискиот соработник на опозицискиот лидер, Леонид Волков на платформата X напиша дека со потврдувањето на смртта, руските власти всушност признале дека го убиле Навални во затвор, но и дека неговите соработници немаат како да го докажат тоа. Опозицијата која тој ја предводеше не е единствена што се сомнева дека руските власти немале никаква врска со неговата смрт.

„Сѐ уште немаме никакви информации, а тоа е причината зошто е важно да ги имаме утврдено сите факти, и зошто Русија треба да одговори на многу сериозни прашања. Гледаме дека Русија станува се поавторитарна сила. Многу години ја опресираат опозицијата. Секако, тој беше во затвор, беше затвореник, и поради тоа исклучително важно е сега Русија да одговори на сите прашања кои ќе бидат поставени за неговата смрт“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Навални, чија политичка кариера произлезе од антикорупциска кампања која ја поведе во земјата е последниот истакнат Русин што починал откако го предизвикал Путин. Борис Немцов беше застрелан на мост во непостредна близина на Кремљ во 2015, додека последната смрт која го привлече вниманието на Западот беше таа на Пригожин, кој загина во авионска несреќа во август минатата година, откако неколку месеци претходно ја поведе својата приватна армија на марш кон Москва.

За разлика од сѐ уште живите руски дисиденти, кои ја напуштија Русија, Навални беше единствениот кој се врати назад, и речиси веднаш беше уапсен. Според неговите блиски, Навални, никогаш сериозно не ја сфаќал заканата по неговиот живот. Во декември тој беше префрлен од затвор во близина на Москва, каде што ја издржуваше последната казна, во казнената колонија во арктичкиот град Карп, на Сибир. При неодамнешно сослушување во суд, на кое тој се јави преку видео врска, Навални се пошегува дека бил поведен на 20 дневна екскурзија низ Русија, и дека условите во кои сега се наоѓа се многу подобри.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More