Поранешната манекенка Камила Алвес (40), сопруга на Метју Меконахи, во последното интервју раскажа како изгледале почетоците на нејзината врска со актерот, пишува „Тудеј“.
Во неодамнешниот поткаст на магазинот „Саутерн ливинг“, таа откри дека неговата мајка Мери Мекејб, постојано ја тестирала, пред нивната врска да стане посериозна и дека имала многу непријатни ситуации со неа.

„Таа правеше секакви работи кога почнавме да излегуваме. Навистина ме тестираше. Ме викаше по имињата на поранешните девојки на Метју, наеднаш почнуваше да ми зборува на неправилен шпански јазик, беше злобна кон мене на различни начини“, вели Камила.

Како што раскажала, Камила успеала да ја придобие својата свекрва, кога заедно отпатувале во Турција поради работа.
„За време на летот, ми раскажуваше секакви приказни, како да се обидуваше да ми стави секакви „бубачки во главата“, да ме оптовари со приказни. Но, до третиот ден од патувањето, сфатив дека сето тоа се глупости. Затоа, решив да возвратам. Излезе мојата жестока бразилска, латиноамериканска страна“, додала таа.

Нивната комуникација одреден период била непредвидлива. Ниту една од нив не попуштала. На крајот Мери решила да прекине со таквото однесување и ѝ рекла: „Добро, ти си внатре“.
Оттогаш Камила е во добри односи со својата свекрва и како што вели многу се почитуваат.

Инаку, Камила и Метју се заедно од 2006 година, а пред бракот беа во врска шест години. Тие се венчаа во 2012 година, а заедно имаат три деца Леви (14), Вида (13) и Ливингстон (10).