Home » Соочување со реалноста

Соочување со реалноста

by Журнал.мк

Време е ВМРО-ДПМНЕ да се соочи со реалноста, која и вака и така за граѓанството е тешко поднослива. Инаку, со одолжувањето навистина ќе помислам дека баш тие од ВМРО-ДПМНЕ најмногу се плашат што нарачка ќе добијат од европските ментори при отворањето на кластерите од преговарачката рамка.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Некако не ми доаѓа во глава тврдењето на повеќето наши сериозни аналитичари дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски, па и сета партиската придружба, ЛАЖЕЛЕ во предизборната кампања дека кога ќе дојдат на власт никогаш нема да ја употребуваат придавката „Северна“, дека ќе ја сменат преговарачката рамка со ЕУ, дека не прифаќаат никаков диктат од Софија околу внесувањето на Бугарите во Уставот и уште неколку поситни колачиња со кои го заблажија народот по „горчливото“ владеење на СДСМ.

И, навистина, сосема личи на лажење кога веќе по само два-три месеци, владата почна срамежливо да се извлекува и некако да фаќа кривини, подбегнувајќи од жестоката реторика околу главната тема – преговорите со ЕУ и двата договора со соседите.

Те не можело меѓународен договор да не се почитува, ете, морале во официјални пригоди јавно да го употребуваат името Северна Македонија. Па, тоа било така според Уставот, а Уставот морало да се почитува. Аферим!

„СЕВЕРЏАНИ“

Небаре ова сдсмовциве и по дома на трпезариската маса со фамилијата или во кафеана со друштво, подрипнувајќи од стол, свечено го изговарале „грдото“ уставно име на државата. Така го личи, нели, се тие „северџани“, никакви, предавници.

И сега се прашувам од каде им доаѓа благата разочараност на многумина неутралци дека ВМРО-ДПМНЕ во текот на целото опозиционо време и во предизборието за сѐ што е во врска со меѓународните договори со соседите околу нашиот евроатлантски пат – лажеле!!!

Не бре, луѓе! Не! Камо среќа да лажеле! Тоа и немаше да предизвика некоја поголема штета за државата. Добро. На многубројните гласачи, кои ги поддржаа и кои длабоко им веруваа и сѐ уште им веруваат, не им е сеедно.

Ама со време ќе им помине. Проблемот со ВМРО-ДПМНЕ е што тие искрено веруваа(т) во тоа што го кажуваа на предизборните митинзи: ќе го вратат името, ќе го сменат договорот со Бугарија, ќе ја прекројат преговарачката рамка со ЕУ…

Дури одат дотаму што веруваат дека можат да ја превоспитаат и Европа со нејзините членки, кои се осмелуваат да бараат од нас нешто што тие „никогаш не го направиле“! Охохо! Уште како го направиле! Правеле многу пострашни и потешки нешта, крвои течеле низ улиците по европските градови додека се дошло до оваа физиономија на Европската Унија.

Инаку, она што го гледам како непродуктивно и опасно е во сѐ погласните обвинувања дека водачите на ВМРО-ДПМНЕ лажеле и се преправале на изборите само за да го навлечат народот да гласа за таа партија. За жал, тие никого не лажат. Едноставно се лажат само самите себе. А од таквата нивна ментална состојба страда државата.

ДОН КИХОТ

Тие искрено веруваат, како и Дон Кихот, дека ветерниците што им се на патот се, всушност, страшни чудовишта со долги раце, кои сакаат да нѐ ограбат. Во сите походи и авантури, Дон Кихот влегувал со безумна храброст, се борел со дрвени мечови против сабјите на разни непријатели и секогаш завршувал со повеќекратни порази.

Но, при крајот на животот, сепак, излегол од заблуденоста за славното минато и за легендарните храбри витези и се соочил со стварноста, признавајќи дека старите прикаски му го поматиле умот. „Дон Кихот“, поучен роман-пародија како критика на тогашната возвишена витешка литература од времето на Сервантес, и денес во оваа реалност ни открива вистини што личат на пародија, а завршуваат со трагедија.

Затоа мислам дека време е ВМРО-ДПМНЕ да се соочи со реалноста, која и вака и така за граѓанството е тешко поднослива. Можеби не може да се направи некое радикално подобрување со оглед на тоа дека „нашле ограбени и опустошени институции“, но барем може без бајки и преданија брзо и ефикасно да ја почне новата делница на европскиот пат.

Инаку, со одолжувањето навистина ќе помислам дека баш тие од ВМРО-ДПМНЕ најмногу се плашат што нарачка ќе добијат од европските ментори при отворањето на кластерите од преговарачката рамка.

Албанија почна со исполнување на првата нарачка. Илир Мета, некогашниот претседател, за кој со години се зборуваше за тешка корупција, богатење и злоупотреба на функцијата, и на кој никако не можеа му дојдат до ак, еве сега промптно го приведоа.

И Санадер го снајде истата беља. Луѓето работат! А ние со организираниот криминал и злоупотребите на функционерите и натаму ќе се бориме цврсто држејќи се со двете раце на пултот за „прес-конференција“!

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk