Благодарение на сè поголемите димензии на тракпадот на MacBook, цртањето на него во принцип не е неизводливо.
SonarPen 2 минатата година се појави на пазарот како еден од најдостапните стилуси за iPad што поддржува препознавање на притисок. Помалку од една година по издавањето на овој стилус, компанијата го претстави SonarPen Driver — софтвер што го претвора тракпадот на MacBook во некој вид на графички таблет за цртање.
Имено, за цртањето на тракпадот на MacBook да функционира, потребно е да се има SonarPen или SonarPen 2 и бесплатно да се преземе SonarPen Driver од веб-страницата на производителот за macOS 11 или понова верзија на системот. По инсталацијата, стилусот треба да може да се користи за цртање во Photoshop, Krita, Gimp, Clip Studio Paint и уште неколку популарни програми.
Од SonarPen напоменуваат дека стилусот на MacBook ќе ја задржи можноста за прилагодување на осетливоста на притисокот, како и мапирање на копчињата за кратенки. Како сето тоа изгледа во пракса, може да погледнете во нивната демонстрација објавена на YouTube.