Сомнеж за труење со храна во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош. Инспекциите ја затворија кујната, земени мостри од храна и вода. Децата се стабилни.
Поради сомнеж за труење со храна, над 80 ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во средата (26.11) не се појавиле на настава. Деветмина пријавиле здравствени проблеми, а дел од нив биле примени на скопските клиники со стомачни тегоби и повраќање.
Инспекциските служби по целодневни проверки ја затворија училишната кујна во Карпош. „Земени се мостри и се вршат анализи. Првичните резултати се очекуваат утре“, изјави за ДВ директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Двајца ученици хоспитализирани – состојбата е стабилна
Двајца ученици се хоспитализирани на Детската клиника. Децата се во стабилна состојба, но биле примени со симптоми на труење – стомачни болки и повраќање.
Како што објави „360 степени“, меѓу учениците кои побарале помош бил и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој два дена е на болничко лекување.
Инспекциите затворија кујната и земаа мостри
По пријавите за симптоми, инспекциските служби на ИЈЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веднаш започнаа вонреден надзор.
Кујната е затворена како потенцијален извор на зараза.Наредено е вонредно чистење, дезинфекција и здравствени прегледи на вработените. Земени се мостри од храна, вода и работни површини, како и брисеви од раце, нос и грло на персоналот.
„Согласно надлежностите, ДСЗИ издаде решение за забрана и наложи мерки – вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација“, изјави директорот Кирил Лазов.
Очекување на резултати од анализите
Според ИЈЗ, досега се пријавени девет случаи на стомачни тегоби кај ученици. Резултатите од лабораториските анализи ќе покажат дали станува збор за труење со храна. Инспекциите најавуваат дека ќе продолжат со работа и во втора смена доколку е потребно.








