Home » Собранието донесе одлука за именување членови на Програмскиот совет на МРТ

Собранието донесе одлука за именување членови на Програмскиот совет на МРТ

by Журнал.мк

Македонскиот Парламент, во рамките на денешната седница и продолженијата на три веќе започнати седници – 47-ма, 48-ма и 52-ра, гласаше и донесе неколку одлуки и закони за кои беше неопходно двотретинско мнозинство, но и мнозинство гласови од етничките заедници кои не се мнозински.

Во склоп на 47-та седница со двотретинско мнозинство беше изгласана Одлуката за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио – телевизија, за која гласаа 91 пратеник од вкупниот број пратеници, но и 20 од помалите етнички заедници. Претходно со двотретинско мнозинство помина Одлуката за именување на членови на Советот на АВМУ, за која гласаа 90 пратеници, а пет беа против. За Одлуката гласаа и 20 пратеници од немнозинските етнички заедници, а четири беа против.

Во контекст на продолженијата на започнатите седници беа донесени законите за изменување на Законот за култура и за измени и дополнувања на Законот за заштита на децата. Потоа законодавниот дом продолжи со дискусија по точките од 55-тата седница.

Притоа беа усвоени Предлогот за избор на член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, според кој Фатих Алиу стана негов член, Предлог-одлуката за именување на членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, но и Предлог-одлуката за именување на член на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Во рамките на оваа седница беа усвоени и повеќе закони кои беа во второ читање, како Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, Законот за изменување на Законот за приватните агенции за вработување, законот за изменување на Законот за волонтерството, Законот за изменување на Законот за младински додаток, Дополнетиот Закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Царинската тарифа.

Собранието претходно, во рамките на оваа 55-та седница, го донесе Законот за ратификација на Листата за измена на Листата на специфични обврски и Дисциплини за домашна регулатива во услугите и Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничните премини за меѓународен патен сообраќај Табановце (Република Северна Македонија) и Прешево (Република Србија).

На дневен ред на оваа седница останаа закони кои беше предложено да бидат донесени по скратена постапка, за кои треба да расправаат матичните тела, а поради немање услови не беше усвоена ниту Предлог – одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.

Претседателот на Собранието ја прекина 55-та седница и најави дека за продолжението пратениците ќе бидат дополнително известени.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk