Home » Собранието ја почна првата пленарна седница во 2025-та, на дневен ред се пет интерпелации

Собранието ја почна првата пленарна седница во 2025-та, на дневен ред се пет интерпелации

by Журнал.мк

Во Собранието почна 29-тата седница, прва пленарна во оваа година, на која на дневен ред се четири интерпелации кои коалицијата „Европски фронт“ ги поднесе за работата на четворица членови на Владата – вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени.

На седницата, која почна да ја води претседателот на Собранието Африм Гаши, пратениците треба да расправаат и за интерпелацијата што во Парламентот ја поднесе пратеничката група на Левица против Илире Даути – пратеничка на Алијанса за Албанците од коалицијата „Европски фронт“ и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.

Пред да биде усвоен дневниот ред со петте точки, Гаши даде еден час пауза по процедуралното барање на пратеникот од Левица Борислав Крмов за, како што рече, дополнителни консултации.

Девет пратеници од „Европски фронт“ (Арбана Пашоли, Блерим Беџети, Дијана Тоска, Елми Азири, Илир Демири, Илире Даути, Рина Ајдари, Садула Дураки, Сали Мурати) интерпелациите за членовите на Владата ги поднесоа на 3 декември, по случувањата за време на прославата на Денот на албанското знаме, на 28 ноември.

Шестемина пратеници на Левица (Амар Мециновиќ, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Јована Мојсоска, Реџеп Исмаил, Сашко Јанчев) предлогот за отповикување на Илире Даути од функцијата го поднесоа во Собранието на 21 ноември поради тоа што таа го блокира Законот за бранителите со тоа што не го става на дневен ред на комисијата со која претседава.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk