Home » Собранието ја констатираше оставката на пратеникот Салим Сулејмани и објави пауза

Собранието ја констатираше оставката на пратеникот Салим Сулејмани и објави пауза

by Журнал.мк

Собранието денеска ја констатираше оставката на пратеникот Салим Сулејмани од Алијанса за Албанците и ја задолжи Државната изборна комисија (ДИК) да го извести законодавниот дом за кандидатот што ќе го замени од изборната листа за да му се верифицира мандатот за пратеник согласно член 153 од Изборниот законик. Веднаш по констатирањето на оставката на Сулејмани, пред да биде утврден дневниот ред на 52. седница, на барање на пратеникот од Левица Борислав Крмов потпретседателката на Собранието Весна Бендевска објави еден час пауза.

Како што соопшти Бендевска, до почетокот на седницата Сулејмани не известил дека сака да ја образложи оставката.

Салим Сулејмани на 18. месецов поднесе оставка од сите функции во АА, како и од функцијата пратеник во Собранието, повикувајќи се на морална, професионална и политичка одговорност, а со неговата оставката Вреди добива нов пратеник.

Во јавна изјава Сулејмани го критикуваше доближувањето до ДУИ и го оцени како „недостоен компромис“.

-Не можам да бидам дел од сојуз што прави компромиси со луѓе спомнати на меѓународни црни листи, посочи Сулејмани.

Објасни дека неговиот влез во политиката бил мотивиран од желбата за вистинска промена, а не од лични амбиции. Посочи дека ДУИ е „структура поврзана со клановски и лични интереси“ и додаде дека коалицијата ВРЕДИ ја сметал за „антипод на коруптивната матрица“.

-Приближувањето на Алијанса за Албанците до ДУИ е предавство на ветеното и кршење на принципите, потенцираше Сулејмани во оставката.

Според кандидатската листа од последните парламентарни избори, во петтата изборна единица следна е Валбона Адили Емини, педијатар и кадар на Движењето Беса. Со нејзиното влегување, мнозинството на ВРЕДИ се зајакнува на 10 пратеници, по заминувањето на крилото на Арбен Таравари.

Пратеникот Крмов побара пауза како реакција на, како што рече, брзањето со ратификацијата на Договорот со Обединетото Кралство, покрај стандардното барања за пауза што го доставува оваа пратеничка група со цел да изврши притисок за одговор од Собранието на барањето на пратеничката Јована Мојсовска за патни трошоци.

Според Крмов, пет минути откако вчера попладне пратениците добиле смс за пристигнување на Предлог законот за ратификација во Собранието, тој бил ставен како точка на дневен ред за денешната 52. седница.

– Тоа е договор со кој треба да земеме шест милијади евра кредит. Со кое право се брза, ова е повеќегенерациски долг кој оваа Влада нема да го врати. За ова треба општеството да одлучи, ако сме сериозна држава не треба да се брза, рече Крмов.

Предлог законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти е петта точка на предложениот дневен ред на 52. седница, а претладнево беше усвоен од собраниската Комисија за надворешна политика со 10 гласа „за“ и ниту еден глас „против“.

На дневен ред на 52. седница е и Предлогот за именување гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, за која функција претседателката го предложи универзитетскиот професор Трајко Славевски.

На седницата треба да се расправа и за Предлог одлуката за давање овластување за склучување на поединечен колективен договор, во второ читање, за Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, во второ читање и за Предлог на закон за изменување на Законот за културата, по скратена постапка.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk