Home » Со силна дипломатија ќе влеземе во ЕУ со сочуван национален интерес

Со силна дипломатија ќе влеземе во ЕУ со сочуван национален интерес

by Журнал.мк

Нашата цел е Македонија во ЕУ. Ако целта на Бугарите е да влезат во македонскиот Устав, тогаш, на денот кога ние ќе влеземе во ЕУ, тие ќе бидат дел од нашиот Устав и од таа позиција не се поместуваме, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.

ВМРО-ДПМНЕ во евроинтегративниот процес нема да прифати уцени или диктати кои се спротивни на националните интереси и дава силна поддршка на премиерот Христијан Мицкоски за неговата интензивна меѓународна активност, порача синоќа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов на ТВ 24, зборувајќи за средбата на Мицкоски со францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот на Европската политичка заедница во Будимпешта.

Со силна дипломатија ќе се унапредат позициите на Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ, порача тој.

– Нашиот став е многу добро познат, не прифаќаме уцени и диктати. Од друга страна, многу е важна меѓународната активност на Владата, која се одвива со многу големо и жестоко темпо. Изминативе 4 месеци – Вашингтон, Лондон, Прага, па сега и Будимпешта. Ова е многу добра иницијатива која ја иницираше претседателот на Франција, Емануел Макрон, каде што се одржуваат средби на сите влади на сите европски држави, без разлика дали се членки на ЕУ или не, без Русија – рече Пренџов.

Пренџов нагласи дека овие активности се клучни не само за лобирање на интересите на Македонија, туку и за создавање нови билатерални односи кои ќе придонесат за економскиот развој. Македонија, додаде тој, треба да се стреми кон силна дипломатија која ќе овозможи континуиран развој во сите сфери.

– Ова е одлична можност не само за политичките разговори и лобирањето за Република Македонија и кажувањето на вистината и на нашите ставови, туку и за да се разговара билатерално и да воспоставиме односи и со други држави со кои традиционално немаме билатерални односи, како и да се развие економијата. За нас, како мала држава, важно е да имаме една ваква силна дипломатија – истакна Пренџов.

Тој потенцираше дека претходната влада на СДСМ и ДУИ во изминативе 7 години прифаќале компромиси спротивни на волјата на македонскиот народ.

– На сите странски делегации, на сите челници на влади им кажувале дека нема никаков проблем да се прифати нешто за кое што три четвртини од македонскиот народ беше против. Таа влада без народен кредибилитет и легитимитет договорила нешто кое е спротивно на спротивно на волјата на граѓаните и ние сега сме должни тоа да го исправиме. Ќе разговараме и ќе побараме помош од која било европска држава – посочи Пренџов.

Тој нагласи дека Македонија треба да продолжи со процесот на интеграција во ЕУ, но тоа да се случи без отстапки од националниот интерес.

– Нашата цел е Македонија во ЕУ. Ако целта на Бугарите е да влезат во македонскиот Устав, тогаш, на денот кога ние ќе влеземе во ЕУ, тие ќе бидат дел од нашиот Устав. Од таа позиција не се поместуваме – заклучи Пренџов.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk