Реал Мадрид ја продолжи традицијата на константно вршење на притисок врз судиите во пресрет на големите натпревари, откако „кралевите“ со стариот рецепт – преку клупската телевизија се пожалија за делегирањето на Хернандез Хернандез за главен судија на неделното дерби против Барселона.
Хернандез според многумина е убедливо најдобар шпански судија, но „кралевите“ не се задоволни ниту од неговото именување како делител на правдата за „мечот на сезоната“ на кој Реал мора да победи, ако се знае дека на четири кола до крајот има четири бода заостанување во однос на Барселона.
„Ова е Хернандез Хернандез, кој ќе го суди Ел Класико“, е насловот на видеото што се шири на социјалните мрежи, по прилогот на Реал Мадрид ТВ во кој се наведуваат бројните грешки што овој судија наводно ги направил кога ги водел натпреварите на „кралскиот клуб“.
Кога е Флорентино Перез во прашање, очигледно е дека ниту еден судија не е доволно добар за да му суди на неговиот Реал Мадрид…