Од: Анета Стојковска
Кој мислеше дека Градот „крцка“ од пари, па дека е лесно да се реализира сето она што толку амбициозно се ветуваше во предизборна трка? Или, пак, дека граѓаните ќе заборават зошто го направиле изборот?
Изминува четвртиот месец откако е на чело на Град Скопје, а градоначалничката Данела Арсовска сѐ уште се жали и „плаче“ за несреќната судбина што ја снашла поради празната градска каса. А кој мислеше дека Градот „крцка“ од пари, па дека е лесно да се реализира сето она што толку амбициозно се ветуваше во предизборна трка? Или, пак, дека граѓаните ќе заборават зошто го направиле изборот? Затоа треба да се внимава што се ветува и, како што би рекол нашиот народ, да се оптегнат нозете колку што е долга чергата.
А дека чергата на Град Скопје е многу куса, тоа го знаат сите. Го знаеле и заинтересираните за градоначалничката функција, затоа што тоа им е познато на сите скопјани. И претходниот градоначалник Петре Шилегов го презеде управувањето со Скопје со долгови од 35 милиони евра, па не го слушавме со месеци да се оправдува дека ништо не може да сработи затоа што нема пари. И тој работеше две години во пандемија. За тоа што сработи или што не сработи (Арсовска вели ни 5 отсто од ветеното), него го стигна казната од скопјани.
Време е градоначалничката да се сврти напред, наместо назад, оти и илјадапати да каже каква е состојбата, од тоа нема да се наполни градскиот буџет. Самата се пофали дека е добра менаџерка и дека успешно ќе го менаџира Градот, па сега очекуваме конечно тоа и да го покаже, иако, навистина, не е лесно со затекнати долгови од околу 50 милиони евра.
Сепак таа во секоја пригода изјавува дека сè што е ветено во програмата за модерно Скопје ќе биде реализирано, а ќе има и набавка на автобуси за јавен превоз. Останува да се види како ќе го направи тоа, затоа што и самата потенцира дека во редовниот буџет нема средства за таа намена. Ќе има и бесплатен превоз за едно две години кога ќе се средат состојбите во ЈСП. Ова веќе звучи како научна фантастика со оглед на фактот дека јавното претпријатие е загубар не со години, туку со децении и никој досега не ја средил неговата состојба. Па така, на оние што цврсто се држат до верувањата, им останува да се надеваат дека така ќе биде.
Но, она од што мора под итно да се ослободи Арсовска е преголемата доза ароганција во комуникацијата, особено со медиумите. Значи, таа не е градоначалник само на тие граѓани што ја избраа, туку на сите што живеат во Скопје, па и на оние што не го дадоа својот глас за неа, нели. Затоа, треба да ги слушне и нивните забелешки за нејзината работа, а не само на оние што ѝ аплаудираат и викаат браво. Тој, аплаузот, не трае вечно. Како што е познато, токму ароганцијата на Шилегов беше една од причините што голем дел од избирачите му го свртеа грбот. Се чини градоначалниците брзо забораваат дека тие се избрани да работат за граѓаните, за сите до еден. А не обратно!
Од позиција на претседател на ЗЕЛС таа ѝ се закани на Владата дека доколку не им помогне на општините да ги платат сметките за струја, ќе преземеле радикални чекори. Ајде де! Какви? Локалната власт ќе протестира пред централната? Еве, јас како жителка на Скопје би сакала попрецизно објаснување. Затоа што мислам дека градското раководство добро знае што би се случило доколку јавните претпријатија им оневозможат на граѓаните да добиваат некоја од услугите за кои се надлежни (вода или собирање ѓубре). Затоа, помалку закани со радикализација и повеќе работа за надминување на проблемите.
Она што ми е многу забавно е како некои луѓе си придаваат преголемо значење. Несудениот градоначалник на Скопје Бени Шаќири деновиве на гостување на една од телевизиите рече: Сакав да го срушам Шилегов и успеав во тоа.
Ете, сега знаеме кој го срушил поранешниот градоначалник – не била Данела, туку Бени. Но, со една негова изјава, не може човек да не се согласи – кога вели дека и шуто и рогато влегоа во политика.