Home » Со директни посети кај земјоделците ќе даваме советодавни услуги

Со директни посети кај земјоделците ќе даваме советодавни услуги

by Журнал.мк

Интервју со В.Д Директорот на АПРЗ, м-р Пеце Стојковски

Како нов директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ), која е Вашата главна цел?

Како директор на оваа функција сум релативно кратко време, но приликите во овој сектор не ми се сосема непознати бидејќи нашата држава е претежно рурална земја, така што значителен дел од населението егзистира од земјоделството. Активно ја согледувам состојбата во АПРЗ, преку секојдневни евалуации и повратни информации од моите колеги и соработници. Една од моите главни цели е да спроведам темелно „длабинско скенирање“ на институцијата преку работна посета на сите работни единици и остварување средби со вработените, набљудување на нивните работни процеси и идентификување на сите предизвици и проблеми со кои се соочуваат. Лично како професионалец, пред пристапување на секоја активност, сакам да имам детална слика за проблематиката со која се соочувам. Тоа ќе ми овозможи да донесам соодветни одлуки, кои ќе донесат подобро работење на институцијата.

Дали може да ни објаснете малку подетално околу улогата на АПРЗ во земјоделскиот сектор?

АПРЗ е институција која има за цел да обезбедува широк спектар на стручни советодавни услуги од областа на земјоделството и руралниот развој до крајните корисници – земјоделците и нивните здруженија, асоцијации, задруги, но и на секој еден поединец на кој земјоделството или производството на храна на некој начин му е допирна точка. АПРЗ е државна институција, која е основана со Закон, со основна цел и задача да обезбедува информации и советодавни услуги согласно своите надлежности. Притоа, АПРЗ работи според претходно дефинирана Годишна Програма за работа во која се опфатени активности со широк спектар на услуги. Како институција, се стремиме да обезбедиме нашите советодавни услуги да се достапни и корисни за секој земјоделец во земјата.

Кога би зборувале за досегашното работење и резултати на АПРЗ, какво е вашето мислење за состојбата која ја затекнавте?

Веднаш по моето именување за директор направив увид во работењето и ги анализирав остварените перформанси во изминатите неколку години, а бројките, за жал, јасно укажуваат на загрижувачки тренд. Констатирав дека резултатите се движат во надолна линија бидејќи од околу 50.000 услужени земјоделци пред 10тина години, во 2019 година биле услужени околу 26.000, во 2020 околу 14.500, во 2021 околу 12.000, во 2022 околу 9.700 и во 2023 околу 10.000 земјоделци.

За да го променам ваквиот негативен, надолен тренд, мојата заложба е да ја поттикнам посветеноста и мотивираноста на секој еден советник во АПРЗ, со цел секој од нив да биде што повеќе во контакт со земјоделците, особено на терен кај нивните земјоделски стопанства, во руралните подрачја каде што ја извршуваат својата дејност. Еден од приоритетите и главен фокус ќе биде подобрување на квалитетот на дадените советодавни услуги, а не само квантитетот на дадени услуги, што не значи дека нема да работиме на тоа да пристапиме до што поголем број на земјоделци во иднина. Цврсто верувам дека секој земјоделец заслужува еднаков пристап до нашите ресурси, а тоа ќе го постигнеме преку директни средби, обуки, консултации и директни посети на нивните фарми.

Напоменавте дека приоритет ќе ви биде подобрување на квалитетот на советодавните услуги што им се нудат на земјоделците, како планирате да го остварите тоа?

Да, како што истакнав, подобрувањето на квалитетот на понудените советодавни услуги е во првите редови на моите цели. Планираме да го оствариме тоа преку организирање повеќе директни посети со земјоделците на нивните фарми, спроведување информативни работилници и обезбедување едукативни и консултативни семинари и настани.

Понатаму, ќе ги подобриме понудените технички стручни совети, особено во одржливите земјоделски практики. Од суштинско значење е информирањето на земјоделците за најновите случувања како во научното истражување, така и во законските одредби и владини регулативи кои произлегуваат од државната земјоделска политика.

Секогаш ќе бидеме достапни за секој еден кој има потреба од помош и поддршка во поднесувањето на барањата за финансиска помош, како што се субвенциите, мерките од Програмата за рурален развој, закупот на државно земјоделско земјиште, останатите државни мерки, како и ИПАРД фондовите од ЕУ.

Посебен акцент ќе ставиме на обука и запознавање на земјоделските производители за „Вкрстената сообразност“, која всушност преставува една од круцијалните барања на ЕУ, а се однесува на тоа што сѐ треба еден производител да исполнува во однос на заштита и зачувување на животната средина, почвата, водата, воздухот, домашните животни како и крајните консументи на нивните производи. Оваа задолжителна одредба за исполнување на минималните барања при производството е во тесна поврзаност со користењето на субвенциите.

Нашите 30 канцеларии низ државата ќе бидат секогаш достапни и отворени за поддршка на земјоделците.

Кои се вашите планови за подобрување на физичките ресурси на располагање на советниците на АПРЗ?

За да ги подобриме советодавните услуги што ги нудиме, треба да се погрижиме нашите советници да се опремени со потребните алатки и ресурси. Во моментов, има недостиг од теренска опрема и возила, што ја попречува нашата способност да стигнеме до оддалечените области. Планирам да обезбедам дополнително финансирање за купување теренски возила, дигитални инструменти и други алатки потребни за ефективни советодавни услуги. Дополнително бев информиран, дека АПРЗ располага со шест агрометеоролошки станици кои за жал, никогаш не биле ставени во функција. Овие агро-метеоролошки станици се од суштинско значење за обезбедување точни податоци за времето и почвата на земјоделците.

Тие се опремени со сензори кои ги мерат: врнежите, влагата во почвата, брзината на ветерот, правецот на ветерот, атмосферскиот притисок, влажноста и температурата и преку софистицирани софтверски решенија го анализираат ризикот за различни култури. Со ставањето во функција, со овие метеоролошки станици ќе придонесеме кон навремено информирање на земјоделците и предупредување при опасност од мраз, суша или заболување на растенијата. Податоците од станиците ќе се користат и за правилно користење на средствата за заштита на растенијата согласно микро климатските услови, а информациите можат автоматски преку СМС пораки да се доставуваат до мобилните телефони на земјоделците.

Како функционалната поставеност и распределбата на вработените во АПРЗ влијаат на ефикасноста на работните процеси и поддршката на земјоделците?

АПРЗ функционира со преку 30 работни единици сместени во 30 градови низ државата кои се во рамките на 8 регионални центри усогласени со 8-те плански региони во државата. Како куриозитет е тоа што АПРЗ е единствена државна институција која е со седиште односно дирекција во Битола, од каде што се координираат сите активностите на Агенцијата.

Ваквата дисперзираност според мене е правилна и многу логична, бидејќи тука е Пелагонија како најголем земјоделски регион и тоа претставува еден вид на добар пример за децентрализација на институциите кои не мора секогаш да се лоцирани во главниот град.

Во моментов, АПРЗ има околу 90 вработени, а само 63 од нив работат како теренски советници. Оваа бројка опаѓа поради пензионирањето и заминувањето на вработените на поатрактивни и подобро платени работни места во земјата и во странство. Ако знаеме дека активни земјоделски стопанства кои според статистички податоци годишно се околу 90.000 кои се јавуваат како корисници на субвенции, тогаш се доаѓа до заклучок дека секој еден советник на АПРЗ треба да опслужи по околу 1.400 земјоделски стопанства, што е невозможно. Ако погледнеме во окружувањето во регионот за споредба, Словенија има преку 300 советници, Хрватска преку 250, Бугарија преку 200 итн., тогаш повеќе од јасно е дека е потребно зголемување на бројот на советници.

Сакам да истакнам дека во текот на мојот мандат ќе се потрудам АПРЗ да добие соодветен број на вработени преку транспарентно вработување на кадар кој ќе биде стручен и компетентен. Дополнително, ќе обезбедиме постојана обука и професионален развој на нашите сегашни советници за да ги подобриме нивните вештини и капацитети. Ова ќе ни овозможи да понудиме подобри услуги и поддршка на поголем број земјоделци, осигурувајќи дека ќе го добијат вниманието и помошта што им е потребна.

Каква е состојбата во институцијата од финансиска гледна точка?

Буџетот на АПРЗ е хроничен проблем кој се провлекува со години и тешко ги задоволува потребите за ефективно и ефикасно функционирање. Од таа причина нема можност за реализација на едукација и обука на вработените за подигање на нивниот капацитет, нема доволно средства за теренски активности, за набавка на теренски возила, за дигитализација на процесите со употреба на софтверски решенија, за присуство на важни настани, учество во работни тела, работни средби во земјата и странство, за членство во сродни регионални и меѓународни асоцијации , за посета на меѓународни саеми, итн.

Досегашните влади немале слух да ја препознаат важната улога на оваа Агенција и нејзиниот огромен придонес во земјоделскиот систем. Ќе се потрудам овој важен сегмент да го подобрам, со што АПРЗ би станала многу пофункционална, помодерна и поефективна во својата работа и ќе придонесе во целост да ја извршува својата улогата преку надлежностите дефинирани со Законот за нејзино основање, како и целосно реализирање на Стратешките и Годишните планови за работа, сѐ со крајна цел на подобрување на развојот на земјоделството.

Како ќе ја подобрите дигитализацијата и модернизацијата на АПРЗ?

И покрај тоа што затекнав една добра состојба во однос на одвивање на работните процеси, така што е воведен и се применува ISO 9001-2015 системот, меѓународен стандард кој ги дефинира барања на системот за квалитет, чија примарна цел е задоволството на корисниците, од друга страна морам да истакнам дека дел од клучните процеси се одвиваат на стар и несоодветен начин, односно недостасува дигитализација кај некои од тие процеси.

Во моментов, мониторингот и оценувањето на советниците е рачен процес кој одзема многу време и често е неточен. За ова ќе се потрудам да се набави соодветен софтвер кој во значителна мера ќе ја олесни работата на менаџментот, а особено на советниците кои нема да трошат многу време на администрирање на нивните извештаи за работа.

Исто така, во овој поглед ќе имплементираме и други иницијативи, како надградба на нашата веб-страна за подобар пристап до информации и ресурси. Веб-страницата ќе содржи ажурирани вести, научни материјали и бесплатни советодавни содржини. Покрај тоа, планираме да го прошириме нашето присуство на платформите на социјалните медиуми за да ја подобриме комуникацијата со нашите крајни корисници – земјоделците. Активно ќе се заложам за воведување на е-совети, овозможувајќи им на нашите советници да даваат насоки преку дигиталните платформи како Viber, Messenger, и други кои веќе се широко коистени од земјоделците. Ваквата дигитална трансформација ќе ни овозможи да бидеме поприсутни и поодговорни, без оглед на локацијата на земјоделците.

Како ја гледате иднината на АПРЗ за време на Вашиот мандат како директор?

Според се досега наведено, мојата првична перцепција е дека АПРЗ „кондиционо“ не е на задоволително ниво, затоа ќе биде потребен соодветен „ремонт“ за што ќе преземам соодветни мерки и активности во зависност од можностите за институционална поддршка пред се од Владата, но и од други извори.

Мојата визија за АПРЗ е да ја трансформирам во помодерна, функционална и поодговорна институција која е подобро опремена да им служи на потребите на нашите земјоделци. Согласно тоа, имам намера да го вложам целиот свој капацитет, знаење и напори за реализација на сите мои идеи и планови, заедно со вработените, АПРЗ во иднина да стане повеќе препознатлива, а нејзината работа да биде повидлива и признаена. Се додека трае мојот мандат во оваа Агенција, упорно ќе работам на тоа да бидеме поблиску до земјоделците, ставајќи се во нивна функција.

Со фокусирање на дигитализацијата, зголемување на бројот на персоналот, подобрување на обуката и развојот и обезбедување подобри ресурси, ќе можеме да понудиме повисок стандард на услуга. Сепак, на крајот од денот, критиките и пофалбите доаѓаат од крајните корисници, тие се показателот за нашата успешност.

На крај би сакал да напоменам дека за реализација на сите предвидени активности очекувам силна подршка од МЗШВ и Владата на Р. Македонија.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk