Проблемите со Бугарија треба да ги решаваме заеднички, сметаме дека може да се најде рационално решение што ќе биде прифатливо за нас. Улогата на Русија во сегашниот геополитички контекст максимално ја осудуваме, нашите стратегиски позиции се членството во НАТО, партнерството со САД и нашата неостварена цел да станеме членка на ЕУ. Преспанскиот договор мене лично не ми се допаѓа, има навредливи елементи за нас, но стојам на тоа дека меѓународното право е нешто што мораме да го почитуваме, вели во интервјуто за МКД.мк Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.
Она што прво можам да го заклучам по шест месеци, откако сум министер, е дека ако имаше посериозен и искрен ангажман во заштитата на македонските национални интереси од страна на претходната влада, денес немаше да бидеме во оваа позиција во којашто сме. Затоа што Европската Унија и земјите членки имаат чувство на одговорност за тоа што во континуитет се прави спрема нас во последните 30 години, вели тој,
Додава дека процесот на носење одлуки во ЕУ е страшно комплексен.
Таму течат процеси што често се бавни, троми во одлучувањето. Но ЕУ знаела, особено во минатото, кога се работи за проширувањето, да донесе стратегиски одлуки. И тоа е тоа што ние денес го работиме. Стратегиска одлука е проширувањето кон регионот, но исто така стратегиска одлука е и што ќе се прави со примерот на нашата земја. Зошто тој пример е значаен? Затоа што често има антиевропски сили, кои покажуваат со прст кон нашиот пример и велат зошто да верувате дека ЕУ е искрена кон проширувањето, гледајте што се прави со македонскиот случај, рече Муцунски
Според него од таа гледна точка се постапувапринципиелно.
И сето она што сме го зборувале во кампањата и сме го ставиле на хартија во нашата програма, го реализираме. За тоа има слух и кај европските институции и кај најголем дел од земјите членки. Не велиме дека ќе биде лесно да се најде решение. Напротив, ќе биде многу тешко и многу комплексно. Свесни сме дека имаме огромен предизвик поради нарушени позиции од страна на нашите претходници и прифатени работи што во тој момент не требало да се прифаќаат. Но земајќи ја предвид целата таа комплексност, мислиме дека може да се најде некое рационално решение што ќе биде прифатливо за нас, наспроти нашите грижи за предвидлив процес на проширувањето, додаде тој
Ова прашање е голем предизвик за нас, но решение мора да се најде. Искрено, би посакале таму што побрзо да има стабилна внатрешна ситуација, да се формира политичка влада со којашто ќе имаме дијалог. Мислам дека нашиот сосед знае колку нашето пристапување кон ЕУ е значајно и за нив. Ние треба да предложиме иницијативи за градење доверба, а истовремено треба да очекуваме дека како што ние ја почитуваме другата страна, и таа со еднаква мера ќе ни врати со почит на секое различно ниво.
Од човечка гледна точка навистина жалам што со пристапот што Бугарија го има спрема нас, се дозволува да се гради еден сериозен генерациски јаз. Кај генерации млади луѓе, до некој степен и со право, се создава чувство на недоверба, дури и би рекол и на омраза поради тоа што ни се прави на еден нефер и неевропски начин. Довербата треба да ја градиме, меѓусебното разбирање треба да го градиме и ние како политичари треба да разбереме дека имаме сериозна одговорност за секоја одлука што ќе ја донесеме. Поради непромислени одлуки се создава сериозен анимозитет помеѓу двете нации, вели Муцунски